[Видео]„Сакаме Аеродром да дише“: Во општината од смрдеа, чад и густ смог не се гледа прст пред око

Аеродром се гуши! Мирис на смрад и чад и густ смог од кој не се гледа прст пред око. Вака изгледа нашата населба недела во седум часот наутро, соопштува иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“, од каде објавија и видео.

Според мерната станица во Лисиче, загадувањето во Аеродром е „многу високо“. Ова во бројки значи – преку ноќта и утрото концентрациите на ПМ 10 дошле и над 600 микрограми. Ова се часовни концентрации, но сепак, се работи за доста високо загадување, ако се знае дека и среднодневните концентрации (оние што надлежните ги земаат во предвид) во Аеродром во саботата стигнале скоро до 300 микрограми, што е шест пати повеќе од дозволената граница од 50.

На годишно ниво, аеродромци во 2016 вкупно досега дишеле загаден воздух низ 121 ден, а дозволен број надминувања над границата е 35 денови. Овие бројки тек ќе се зголемуваат низ ладниот период, тоа е репризен случај во секоја зима.