[Видео] Рекламите на Супер Боул годинава го критикуваа Трамп

Најскапиот временски интервал за рекламирање во САД, полувремето на Супер Боул, односно финалето во НФЛ рагби првенството (National Football League), годинава беше искористен од повеќе корпорации за да го критикуваат претседателот Доналд Трамп.

Кока Кола ја славеше различноста на американските граѓани, со преработка на песната „America the Beautiful“ испејана на различни јазици кои можат да се слушнат во државата. Бадвајзер го прикажа патувањето на својот основач Адолфус Буш, кој дошол од Германија за да отвори пивара во САД, но бил пречекан со нетрпеливост и непријателство од локалните жители. Рекламата на 84 Lumber го прикажа замислениот ѕид на границата со Мексико, кој Трамп најави дека ќе го изгради. Рекламата на Airbnb, пак, ја пренесува пораката: „Прифаќањето започнува со сите нас“.

За една реклама од 30 секунди да се емитува во живо за време на Супер Боул, Фокс наплаќа 5 милиони долари. Односно, една секунда чини дури 166667 долари. Цените на Супер Боул рекламите растат секоја година – на првиот Супер Боул, пред 51 година, половина минута чинела „скромни“ 40 илјади долари.