[Видео] Протестите ги здружија граѓаните – криминалците треба да бидат осудени

Студентите се здружуваат на протестите кои продолжуваат секој ден во шест, а за денеска се очекува огромна бројка на протестот, беше најавено на денешната дискусија во Радио МОФ „Млади, протести, полициска бруталност“. Говорниците порачаа аболицијата за политичарите нема да доведе до излез од политичката криза, но и дека последните протести направија да бидат вистински здружени.

Според политологот Миша Поповиќ, кризата се разрешува кога криминалци ќе бидат осуден и ќе бидат тргнати од политичката сцена, а не со аболиција. Политичката криза, додава тој, е резултат на заробената држава. Во однос на протестите тој смета дека не треба да се инсистира на масовност и на секојдневно протестирање, туку дека треба да се искористи ефектот кој го имаат протестите.

„ Сега е многу полесно луѓето да се организираат, за два часа (во средата) илјадници излегоа на протест. Секој ден во 6 е во ред, но не мора секогаш да се прави иста работа, туку да се делува и во локални средини“, смета Поповиќ.

За него добар е пример е денешната акција на студентите за здружување и бојкот на наставата на Правниот Факултет, каде професор беше сегашниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов.

За активистката Биљана Гинова позитивно е тоа што благодарение на протестите почнат е процесот на освестување и граѓаните разбираат дека политиката е нивна работа.

„Потребна е целосна ревизија на целиот правен систем за да може да функционира. Вечерва мислам дека ќе бидеме уште поздружени и посилни. Толку сме револтирани што се здружуваме со луѓе со кои имаме различни ставови. Сите сме борци за правда, тоа не обединува“, вели Гинова.

 

Студентот Демијан Хаџи Николов пак посочува дека вчерашните протести во кои беа уапсени нивни колеги беа повод за едно студентско здружување.

„Мора да се држиме заедно. Денеска сме спремни, ќе тргнеме од Архитектура, нема поделба меѓу студентите, сите заедно. Секој ден во 6 на протест, друго нема“, вели Хаџи Николов.