[Видео] Приказни од транзитниот центар „Винојуг“

Младински образовен форум објави четири краткометражни  видеа од транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, сите се фокусираат на различните групи на луѓе кои со месеци престојуваат во центарот. Тие во четвртокот беа премиерно прикажани во Јавна соба, како дел од мултимедијалниот настан „Во чевлите на бегалците“.

Видеата се резултат на тренингот за видео продукција, дел од проектот „Во чевлите на бегалците – Младинска солидарност преку Медиа/Арт“ во кој беа вклучени повеќе од 80 млади луѓе на возраст помеѓу 16 и 25 години.

„Со цел да помогнеме во создавањето на објективен став околу миграцијата, како и да ги минимизираме предрасудите и стереотипите кои најчесто се резултат на несоодветна информираност, МОФ и партнерите го организираа овој проект чија главна цел е создавање на мост од солидарност помеѓу младите, граѓаните и бегалците. Преку тематски предавања но, и преку креативни работилници, учесниците во проектот дознаа и ќе се обидат да пренесат како може индивидуалецот да помогне на луѓето кои се засегнати од бегалската криза, но и да ја разбере улогата на сите засегнати страни (државните органи, институциите и меѓународните организации) кои се посветени на разрешување на кризата“, велат од Младинскиот образовен форум.

Покрај видеата, за време на настанот беше поставена и изложбата насловена како „Луѓето од Винојуг“ во Јавна соба. Таа ќе биде отворена во текот на целиот ден за време на работните саати.