„Вечера од трошки“ победник на првиот меѓународен театарски фестивал во Гостивар

Претставата „Вечера од трошки“, во изведба на Албанскиот театар од Скопје, ја доби првата награда на затворањето на првото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Отело“, во гостиварскиот Центар за култура „АСНОМ“.

За најдобар актер беше прогласен Ромир Зала од Албанија, а најдобра актерка е Амернис Нокшиќи-Јованоска. Наградата за најдобра режија му припадна на Фатос Бериша од Косово, од стручното жири во состав: Музафер Етеми, Сулејман Рушити и Исмет Рамадани.

Директорот на фестивалот Арѓенд Хасани оцени дека големата посетеност на сите пет вечери покажала дека Гостивар има извонредна публика и дека потребата од основање на професионален театар во Гостивар станува императив.

Организаторите најавија дека фестивалот ќе стане традиционален, а очекуваат и поддршка од локалната самоуправа.

Фестивалот траеше од 9-ти до 13-ти ноември, а публиката имаше можност да ги проследи претставите „Тема со тебе“ на театарот Александар Мојсиу од Драч, „Психоза 4:48” на театарот „Адриана Абдулаху“ од Урошевац, „Вечера од трошки” на Албанскиот театар од Скопје, „Парчиња” на театарот Артполис од Приштина и „Лекција” на Кумановскиот театар.

Фестивалот го организираше Здружението за култура „Фишта“ од Гостивар со финансиска поддршка на Министерството за култура, општина Гостивар и неколку компании од градот.

Извор: МИА