Вангел Тркаљанов, падобранец: На лицата со попреченост им треба услови и опрема за адреналински спортови

Вангел Тркаљанов во 2005 година при скок во базен го скрши вратот. Остана во количка на 21 година, дијагностициран со квадриплегија (парализа). И пред повредата, и сега не се откажува од желбата за активни, адреналински спортови. Тој е неуморна, движечка сила. Оди на рафтинг, нуркање, плива, скија, скока со параглајдер и падобран. Во последниве години собра искуства од две интернационални првенства по падобранство. Се бори секое лице со попреченост, во секое време, да може да добие еднакви услови и соодветна опрема за ваквите спортови. 

Во разговор со Радио МОФ младиот човек раскажува дека по повредата почнал да крева тегови. Сепак, за него теретана никогаш не претставувало спорт. Некреативно е, вели тој, чисто за изглед.

„Се’ почна кога ја купив новата активна инвалидска количка, бидејќи е невозможно да си спортски активен со оние т.н. ‘социјални колички’ што ги даваат од Фондот. Тaa е тотално неупотребливa, куп железо. Со новата количка, желба ми беше да гледам концерт на Роби Вилијамс во Белград. Решив, отидов сосема сам, без придружба. За човек во количка, особено во ридски предели во Белград, тоа е многу проблематично“, раскажува Тркаљанов, кој е претседател на Здружението на лица со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“.

Секогаш кога шета некаде, пример Милано, Виена или Брисел, претходно на „trip advisor“ проверува дали градот е рамен. Угорница значи дополнителен напор и неможност да шета. Но, по концертот во Белград сфатил како е да бидеш во количка, без помош од никого. Така наскоро на рафтинг во Србија запознал дечки, контактирал и падобранци, со што му се отворил патот за првото европско првенство во Лил, Франција во 2016.

„И претходно имав пасија кон летањето, независно дали е падобран или параглајдер, но немав скокано. А, многу сакав! Бев водушевен кога ми кажаа дека можам да скокам. Се спремавме, најмногу беа ‘суви тренинзи’, бидејќи е доста скапо да се лета, по 100-150 евра за тренинг. Се вежба со специјални колички, се легнува на нив. Исто така, во Франција бевме на обука и во воздушен тунел“, објаснува Тркаљанов.

Тркаљанов по скок со падобран во Белорусија

На првенството одел на свој трошол. Без донација за сместување или трансфер до хотел. Таму имало околу 20 земји учеснички. Луѓе од Германија, Франција, Русија, Белорусија, Украина… Со својата екипа котирале некаде на средината, но е задоволен од пласманот со оглед на долгогодишното искуство на конкурентите.

И тогаш барал македонски тим, ама не можел да стапи во контакт. За второто првенство во Белорусија поинтензивно се јавувал. Барал броеви по интернет…

„Успеав да се поврзам со луѓе, па со инструкторот Јане Стефанов од aероклубoт ‘Скопје’ седнавме, разговаравме и веднаш се заинтересира. Прифати. Го направивме тимот и отидовме во Минск на ‘2 International Handi Flay Challenge 2017’. Бев 16-то место во целокупен пласман, а прво место во конкуренција на повреди како мојата или слични. Тоа е особен успех со оглед што немаме тренинзи, немаме услови, натпревари… Затоа со Јане решивме преку Агенцијата за млади и спорт да набавиме посебно одело, со кое и пошироката јавност ќе се запознае за неколку денови. Со него може да скокаат и лица со попреченост. Не ги контролираме долните екстремитети, а горните ни се неопходни за командување и давање правци во летот“, објаснува тој.

Иструкторот по падобранство од аероклубот „Скопје“, Јане Стефанов (лево) и Вангел Тркаљанов

Тандем инструкторот не смее да ги корегира неговите движења. Односно, со неговите раце и нозе не смее да дава насоки каде да летаат. Ова значи – Васил да има слобода за да ја извршува целата операција, летот, сите вртења. Оделото дава поддршка при слетување, да не ги удри нозете.

„Претходно ја скршив ногата бидејќи не ми беше во добра позиција за слетување. Тандемот секогаш мора да се внимава и на соодветна тежина и висина. Многу детали да се запазат“, вели Тркаљанов.

Во однос на Здружението „Без ограничувања“, каде е претседател, потенцира дека тоа се бори за лицата со попреченост за добивање соодветна социјална и здравствена заштита, отстранување на урбанистички бариери и сл. Неговата лична заложба е врзана за спортот, а најголем дел од членови веќе се или сакаат да бидат спортски активни.

Тркаљанов под вода

„Дел од нив се атлетичари, стрелци, пинг-понгари… Со медали од локално и државно ниво, но и на меѓународни натпревари. Така да, сите горе-долу се одликувани со медали. Сепак, спортот кај лицата со попреченост драстично опаѓа, затоа што преферираат спортови кои, според мене, не се адреналински, не се забавни. Се помалку пари се вложуваат во спортот, посебно од националните инвалидски организации“, вели тој, потенцирајќи дека Министерство за труд и социјална политика треба да воведе увид во распределбата на средствата и ќе се залага за нивно порационално искористување.

Идејата на Тркаљанов е да настапи вистинска револуција во спортот за лицата со попречености. Бидејќи, вели тој, спортови како рафтинг, падобранство, параглајдинг, скијање и сл. треба да ги „брка“ во странство. Ги нема и близу земјава.

„Пред неколку денови се вратив од Виена, каде имав разговори со лица со Америка и Европа. Обезбедуваат услови, градат спортски терени и објекти со посебна метода ‘universal design’. Преку неа не постојат бариери за лица со попреченост. Во Америка се подигнати такви објекти. Интересно е што за 14% се намалува вложувањето, цената на објектот, истовремено за 350 отсто се зголемува посетеноста, бидејќи е достапен за сите. Ако сакам да спортувам, можам со мене да повлечам со 3-4 другари, па се зголемува и обемот на работа во самиот објект. Многу прогресивно размислување на архитектите. Затоа, не само во архитектурата, туку и во сите сфери мора да ги тргнеме скепсите и бариерите. Лицата со попреченост можат да бидат и активни спортисти. Основата е опремата. Ако немаш опрема, не можеш да спортуваш“, констатира Вангел Тркаљанов.

Тркаљанов на снег

Бојан Шашевски