Уставен дозволи помилување осуденици за дела како изборен криминал и педофилија

Со мнозинство гласови Уставниот суд одлучи да се укине Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Ова значи дека Претседателот на државата ќе има поголеми ингеренции при помилувањата и ќе може да ослободува затвореници кои се осудени за тешки дела како изборен криминал, педофилија, трговија со дрога.

Денешната седница на Уставен беше затворена за јавноста што наиде на осуда од организации како Хелсиншкиот комитет за човекови права. Преку Твитер реагираше и Американската амбасада во Скопје.

На денешната седница и претходеше протест и контрапротест. Синоќа на демонстрантите кои протестираа против укинување на забраната за помилувања осуденици за дела како изборен криминал, организирани од движењето „Ајде“ и поддржани од СДСМ, полицијата им го забрани приодот до судот каде требаше да останат цела ноќ. Наместо нив, во текот на вчерашниот ден пред Судот се сместија контра-протестанти, повикани од партијата „Гром“ на Стевчо Јакимовски, кои протестираа контра – барањата на своите сограѓани. Тие го „чуваа“ Уставниот суд и утрово, кога се носеше спорната одлука.