[Трибина] Младите да се вклучат во развојни политики, не само во културата и спортот

Како младите во Македонија да се ангажираат во заедницата и да влијаат на општествените процеси, наместо да размислуваат за иселување и егзистенција? На оваа тема дебатираа граѓански организации кои се дел од ИПА 2 Механизмот и претставници на локалната самоуправа од скопскиот регион, со цел поефикансо да се искористат средствата кои се нудат преку Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија.

Претставникот за секторот на ИПА 2 за образование, вработување и социјална политика, Билјана Дуковска вели дека младинската вклученост се подобрува но дека е потребно нивно поголемо и пошироко системско вклучување.

„Организирањето на големи младински платформи, па и Националниот совет на млади на Македонија, покажува дека младите знаат што сакаат и бараат механизми како да бидат слушнати, меѓутоа не само во делот на културни и спортски активности, туку и во делот на креирање политики кои се однесуваат на локален и општествен развој“, рече Дуковска.

Таа додава дека е потребно младинската вклученост да не биде само од добро етаблираните младински организации во моментов, туку и на социјално ранливите категории, кои не добиваат можност да ги истакнат своите потреби во својата заедница и се социјално исклучени.

„Најважно е младите, проектите кои се на хартија, да ги почуствуваат важни за себе. Доколку тие учествуваат во креирањето на документот – ги идентификуваат своите потреби. Проблемот кај оние работи кои се оставаат само на хартија е дека се глуми идентификување на волјата на граѓаните. Тоа е она кога се работи во затворени канцеларии и се креираат салонски политики“, смета Дуковска.

Токму исклученоста од општествените текови и тоа што често не гледаат можност за сопствена реализација, се дел од причините за масовното иселување и високата невработеност кај младите, рече Александар Николов од Асоцијацијата Зенит.

„Според некои истражувања, периодот на транзиција од образование до вработување на младата популација трае 3 до 4 години. Ова е период кога младите можат да се почуствуваат маргинализирани и невидливи во заедницата. Токму затоа, со денешниот настан сакавме да посочиме начини како граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и државните институции можат да помогнат младите да се чувствуваат како интегрален дел од заедницата, тие да најдат начин за професионална и лична реализација и перспективи во окружувањето“, истакна Николов.

Александар Колекески, од Евротинк мисли дека младите не се доволно вклучени во користењето на ИПА фондовите, иако има големи можности за унапредување на нивното учество. Тој вели дека нивната заложба е младите да бидат вклучени во најраната фаза на програмите за поефикасно адресирање на нивните проблеми и користењето на ИПА средствата.

„Она што го увидуваме е дека е многу важно да се дизајнираат проекти кои ќе враќаат назад кон заедницата, каде младите ќе можат да учествуваат активно. Затоа е важно да ги чуеме и мислењата на младите за да можат да придонесат во креирањето на програмите и понатаму во акциите и мерките на ИПА“, рече тој.

Во следниот период предвидени се слични трибини и во другите региони во Македонија, со кои ќе се подига свеста и ќе се унапредува соработката на граѓанските организации и локалните власти и институции.

ИПА 2 Механизмот е основан од 8 граѓански организации, активни во различни сектори во Македонија, за зајакнување на партнерството меѓу граѓанските организации, Европската Унија и владините институции околу програмирањето, имплементацијата и мониторингот на Инструментот за претпристапна помош 2014-2020. Во Механизмот досега се вклучени скоро 230 граѓански организации.

Даниел Евросимоски