Трамп исмеан на социјалните мрежи поради нападот во Шведска кој не се случил

Американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да објасни зошто се повикал на безбедносен инцидент во Шведска во петокот, кој фактички не се случил.

Обраќајќи се на приврзаниците во саботата, Трамп рече: „погледнете што се случи синоќа во Шведска“, додека ги набројувал деловите од Европа погодени од терористички напади, јавува ББЦ.

Бидејќи таков инцидент немало пријавено во Шведска во петокот, скандинавската земја побара од американската администрација објаснување. Трамп потоа преку Твитер објасни дека се повикувал на вест на телевизијата Фокс Њуз, иако не навел од кој период. Медиумите претпоставуваат дека коментарот се однесувал на емисија за бегалците и криминалот во Шведска.

И покрај неговите зборови „се случи синоќа во Шведска“, портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс изјави дека Трамп зборувал за зголемениот криминал и последните инциденти во целина, без да се повика на посебно на некој настан.

Поранешниот шведски премиер Карл Билд беше еден од оние кои ги исмеаја коментарите на Трамп, прашувајќи преку Твитер: „Шведска? Терористички напад? Што пушел?“.


Шегите на социјалните мрежи продолжија во текот на целиот викенд преку имагинарни настани кои ги вклучуваат препознатливите шведски симболи, како поп групата Абба и компанијата за мебел Икеа.

Хаштагот на социјалните мрежи #lastnightinSweden (синоќа во Шведска) брзо стана едно од најупотребуваните на Твитер, додека доста популарен беше и #JeSuisIkea и #IStandWithSweden

Повеќе корисници направија паралела со „Боулинг Грин масакрот“, уште еден непостоечки напад цитиран од еден од главните советници на Трамп, Келиен Конвеј, претходно овој месец.

Во неделата, библиотекарката Ема Јохансен, која била задолжена за националниот твитер профил кој секоја недела е уредуван од различен жител на Шведска, морала да одговара на огромниот број прашања околу изјавата на Трамп. Најпосле таа твитнала „Ништо не се случило овде“.

„Излегов, ги проверив сите поголеми весници и радио станици во Шведска и заклучив дека едноставно тоа не е вистина“, изјавила Јохансен за радио ББЦ.

Додека Швеѓаните беа збунети од коментарите на Трамп, Гардијан пишува дека некои од поддржувачите на американскиот претседател веруваат дека медиумите „се обидуваат да прикријат што мигрантите направиле во Шведска“.