Тетовските гимназијалци излегоа на протест поради лошите услови

Под мотото „Заслужуваме училиште“, стотина ученици, родители и наставници од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ денеска излегоа на протест за потсетат дека се уште немаат елементарни услови за посетување настава.

Тие маршираа од зградата на Работничкиот универзитет, каде и годинава гимназијалците што следат настава на македонски јазик треба да ги одржуваат часовите. Маршот продолжи се до зградата на Општина Тетово, каде дел од наставниците и родителите беа примени на разговор со надлежните.

Учениците и родителите се револтирани бидејќи просториите каде треба да се следи наставата се без соодветно затоплување, во тесни и импровизирани училници и со запоставени тоалети. Помал дел од овие гимназијалци пак наставата ја следат во Основното училиште „Гоце Делчев“, заедно со основците.

Овие два објекти беа привремено решение за македонските паралелки, до изградба на нов објект во рамките на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Средношколците и претходно беа сместени во ужасни и небезбедни услови во старите медицинските бараки на брегот на реката Пена. И локалните и централните власти неколку години наназад ветуваа изградба на соодветен објект и решавањето на проблемот со македонските паралелки.