Студентски попусти: минимални и реално бескорисни

Минимални попусти или попусти за работи што реално не им се потребни – ова се најчестите поплаки на студентите. Во листата на поплаки се набројуваат и недоволните информации достапни на интернет преку кои би можеле да дознаат повеќе за тоа каде сè имаат можност за попуст.

Студентски попусти: минимални и реално бескорисни

Прашавме неколку студенти за тоа колку се информирани околу попустите што им следуваат како студенти. Најголемиот дел од нив рекоа дека не се воопшто информирани, освен за последниот проект на Владата за слободен четврток преку кој студентите секој четврток имаат можност да се возат со жичарата до Водно, да патуваат со воз, да го користат градскиот јавен превоз бесплатно и да посетат некои културни простории.

Од лани, Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје почна да дели бесплатни студентски картички со кои студентите имаат попуст ако сакаат да посетат курсеви за странски јазици, аеробик, пливање, културни настани, или пак ако сакаат да си купат храна и пијалаци по пониска цена. Картичката се однесува само на студенти од УКИМ, а ја добиваат бесплатно со доставување на лични податоци и фотографија.

Освен оваа, во Македонија е активна веќе некое време и ЕДУ картичката за која треба да се плати за да се употребува и може да ја користи секој студент во Македонија. Сања Апостолска од порталот Да научиме, чиј проект е ЕДУ картичката, вели дека бројот на корисници е зголемен за 34 проценти, откако на секои три месеци се прават промоции, а како најбројни корисници се студентите на Економскиот факултет, Правниот, ФИНКИ, ФОН, Американ Колеџ и други.
„Секој месец се обидуваме да има две или три нови фирми кои обезбедуваат попуст. Направивме мобилна апликација со која корисниците ќе можат полесно да се снаоѓаат за местата каде имаат попусти“, рече Апостолска.

Праксата во Европа, пак, покажала дека во речиси во секоја држава постои студентски сервис кој се труди на студентите да им ги обезбеди сите информации за достапните попусти. Таков пример има во Србија каде онлајн секој студент може да го посети студентскиот водич на кој се запишани сите потребни информации.

Такво искуство има и нашиот студент по новинарство на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста кој решил петиот семестар да го помине на студентска размена во Љубљана, Словенија.

Студентски попусти: минимални и реално бескорисни„Во Словенија студентите имаат навистина големи предности, пред се за исхраната. За да ги имаш тие попусти потребно ти е со потврда дека си студент, студентска лигитимација и телефонски број да отидеш во студентскиот центар“, објаснува Самарџиев.

Така, тој за едно мени што чини околу 15 евра во мексикански ресторан тој го добивал за 5 евра. Предјадење, главно јадење, десерт и пијалок може да се најде и за 2 евра, дури и за помалку од едно евро.

„Попуст имаш и при купувањето на Урбана – месечна карта за возење со градски автобус. Факултетите во Љубљана имаат студентски организации кои функционираат навистина одлично. Тие ти помагаат да најдеш приватно сместување доколку доаѓаш од страна, а не си успеал да се сместиш во студентски дом, организираат екскурзии, манифестации итн. На пример, во нивна организација заминавме на Октобер фест во Минхен за 25 евра, со вклучен превоз во двата правци и едно јадење, а студентскиот сервис им помага на студентите кои се заинтересирани за заработка така што им наоѓа соодветна работа“, додава тој.

Засега, студентите во Македонија ваквите попусти најмногу ги користат за услугите во кафулињата, но и за спортски активности. Сепак, студентите сметаат дека попустите најчесто се минимални и се однесуваат на места кои тие реално не ги посетуваат и не ги користат нивните услуги. Поради ова, тие велат дека картичките „воопшто не им се корисни“.

Емилија Петревска

Текстот е напишан како дел од работилницата посветена на студентскиот стандард, која ја организира Радио МОФ од 27 до 29 септември годинава.