[Став] Со „Мој воздух“ докажавме дека и во Македонија може да се направи успешен стартап

Оваа зима „МојВоздух“ наполни две години. Две години што се чинат толку долги, а сепак толку брзо поминаа за мене. Од мала веб-страница, до Android и iOS апликација користена од преку 100.000 Македонци, „МојВоздух“ навистина стана проект кој го гледам и негувам како свое дете.

Но, секако, не беше се така сјајно низ годините. Бидејќи „МојВоздух“ користи отворени податоци за да дојде до точните мерења околу загадувањето на воздухот, еден од најголемите предизвици беше координирањето со институциите. Податоците потекнуваат од нивни сензори, и се испраќаат до нивен сервер, од каде што сите, вклучувајќи го и „МојВоздух“, пристапуваат до нив.

Начинот на пристапување на информациите не беше документиран, а серверот каде што се наоѓаат е доста стар и нестабилен. Во загадените периоди знае често да се преоптовари и исклучи, а со тоа и „МојВоздух“ престанува да работи. И покрај бројните поплаки и молби за зголемување на капацитетот на тој сервер, се уште состојбата е непроменета.

Интерфејс на мобилната апликација

Како што растеше популарноста на апликацијата, очигледно е дека таа стана се поголем трн во нечие око, особено после протестите во зимото 2015 година. Таа беше нападната, оневозможена и ни требаше три дена непрекината работа за повторно да се врати во функција. Бев гневен, бидејќи се работеше за мое дете кое што го нападнаа, но тоа само ни потврди дека сме на прав пат, па зачекоривме со уште побрзо темпо.

Денес „МојВоздух“ е апликација која што често се среќава на мобилните уреди, а јас, заедно со мојот тим, се трудиме да има што повеќе новости и надоградувања. Ние, како и другите апликации и сервиси кои што се родија во последниве неколку години, докажавме дека и во Македонија може да се направи успешен стартап, барем според локални критериуми. Земјата е супер тло за тестирање на идеи и концепти, бидејќи пазарот е мал а зборот брзо се шири. Секако, откако некој концепт ќе се докаже како успешен, треба да се скалира на поголем пазар, бидејќи со стагнација брзо доаѓа крајот на некој бизнис.

Според мене, најважно е да се вложи време и труд во идеа која што искрено ти значи. Клише е, знам, си го чул и порано, но тоа не го прави помалку вистинит фактот дека пасија е потребна за твојот стартап да успее.  Контактирај спонзори, европски фондови, амбасади и институции, доколку ти е потребна финансиска поддршка. Еден едноставен е-мејл ми има отворено голем број на врати, така да не се плаши да прашаш. Опкружи се со истомисленици, амбициони луѓе кои што ја делат твојата пасија за претприемаштво, зошто таков тим, ниту хакери, нути спори сервери можат да го спречат да ја оствари својата цел.

Пишува Горјан Јовановски за Радио МОФ

//