[Став] Се обидов да го донесам моето дете на работа во Јапонија – но бев избркана

Пишува: Јука Огата за Гардијан

Претходно месецов одлучив да го земам моето седуммесечно бебе заедно со мене во салата на општинскиот Совет на Кумамото, бидејќи верував дека тоа е единствен начин да ги надминам огромните пречки кои се поставени пред мене како мајка која работи.

Тоа го видов како најдобра шанса да протуркам политики на кои бев посветена откога станав советник во мојот град – да ги подобрам условите за грижа за бебињата и да го направам работното окружување во Јапонија посоодветно за семејствата.

Но, скоро ниту еден од моите предлози кои ги давав откако бев избрана пред две години не беа прифатени од градот.

Колегите ја принудиле Огата и нејзиниот син да ја напуштат седницата

Откако дознав дека сум бремена, побарав од Советот да ме поддржи, така што би можела да се грижам за моето новороденче и да продолжам со работа како советничка. Побарав дозвола да го дојам во салата на Советот, или да ни биде обезбедена градинка во зградата на Советот за сите деца на советниците, вработените во администрацијата и посетителите.

Но, моите предлози беа одбиени. Наместо тоа, ми беше кажано самата да си ги решавам тие прашања. Уште еднаш се соочив со светоглед кој поддржува статус кво и го отежнува одгледувањето деца во Јапонија.

Луѓето преку океанот можеби имаат тешкотии да сфатат колку е всушност сериозна ситуацијата во Јапонија.

Недостатокот на згрижувачки установи принудува многу жени да се откажат од својата работа. Дури и родителите кои успеваат да најдат место за нивните деца мораат да се соочуваат со голем број правила и регулации. На пример, тие мора да го пишуваат името на нивното дете на секое парче облека, како и на лигавките и да обезбедат доказ од доктор дека тие се опоравиле од настинка или други преносливи заболувања. Кога се разболуваат нашите деца, како што обично се случува, многу е тешко да се добие отсуство од работа за да се грижите за нив.

Во крајна нужда, родителите ги носат нивните деца на работа, каде се соочуваат со негативни коментари од нивните колеги и директори. Кога тие забременуваат, многу жени имаат притисок да дадат отказ, или се вознемирувани од колегите кои треба да ја преземат нивната работа додека тие се на породилно отсуство.

Но, ова не е женски проблем – туку прашање на менаџмент. Генерално јапонските компании мислат дека балансирањето на работата и одгледувањето деца се целосна одговорност на родителите. Многу малку работни места нудат мерки кои помагаат на родителите да го балансираат професионалниот и семејниот живот.

Седејќи во салата на Советот, со мојот син во скутот, сакав да ги претставам сите родители кои се борат во подигањето деца во Јапонија. Се надевав дека тоа ќе значи дека нивните гласови повеќе нема да се игнорираат.

Седницата која се одржа на денот на инцидентот требаше да трае само некои 15-тина минути. Син ми добро се однесува, па бев сигурна дека ќе можеме да ја издржиме седницата заедно без никакви проблеми.

Сигурно дека не очекував толку силна реакција од моите колеги и административниот персонал. Само што седнав на моето место во салата, службеник од секретаријатот притрча кон мене, следен од претседателот. Ми рече: „Немој да го правиш ова. Те молам земи го бебето и напушти ја салата веднаш“.

Бев изненадена, но се обидов да ја задржам мојата позиција. Реков: „Јас сум советник со бебе, така што ќе останам овде со него. Ве молам почнете ја седницата“.

Мислев дека е погрешно од нивна страна да се обидуваат да избркаат избрана советничка која само се обидува да ги застапува другите граѓани кои се во иста ситуација со мојата.

Односот кон мене докажа дека многу работодавачи во Јапонија од нас очекуваат да работиме и да заборавиме на другите важни делови од нашите живото, како одгледувањето деца, грижата за нашите стари родители или справувањето со болести.

За многу жени од Јапонија, ситуацијата е уште полоша. Тие вршат краткотрајна работа која доаѓа со ниски плати и помали придобивки од регуларно вработените, кои во мнозинство се мажи.

Време е јапонските работни места да се променат за да ги прифатат потребите на родителите кои работат, а тоа вклучува грижа за нивните семејства. Ќе продолжам да ја користам мојата позиција за да ја претворам Јапонија во земја каде луѓето можат да уживаат во соодветен баланс помеѓу работата и животот.

*Јука Огата е член на општинскиот Совет во Кумамото, во југозападна Јапонија.