[Став] Направив пауза од социјалните медиуми, а истото треба да го направите и вие

Отворањето на социјалните медиуми секој ден за да се видат вести за смрт и уништување може да биде исцрпувачко. А на тоа ќе го додадеме дискурсот, несаканите коментари, јавното срамење, лажните доблести и животите на другите константно напикани пред вашите очи.

Во текот на летото, веќе не можев да го поднесам тоа. Размислував со недели, но знаејќи дека е непишан дел од мојата работа, поголем дел од времето одолевав. Се деактивирав без никакво предупредување. Прво го снема Твитер, потоа Фејсбук, и на крај нагло ги избришав сите други социјални медиуми и апликации на мојот Ајфон.

„Ќе им недостасуваш на твоите пријатели“, ми кажа Фејсбук. Седев на бирото, шокирана што апликација се осудува да ми каже како да си го живеам животот. Навистина ми е доста.

За прв пат по долго време, можев да дишам. Бев самата со себе. Галамата на дискурсот и несаканите коментари на секој мој чекор беа стишени.

Бев достапна само преку мејл и телефон, само на оние кои веќе ми ги имаа податоците. Оние кои ги имаа, не губеа време. Станав тема на голем број загрижени пораки и мејлови, а дури и некои прашања во живо од типот: „Дали си добро? Видов дека не си веќе на Твитер“.

Но, бев во ред, повеќе отколку што сум била цела последна година од мојот живот. Веќе не ги отворав и затворав социјалните медиуми опсесивно, и можев да ги процесирам тековните настани без да гледам како бесмислено и бескрајно луѓето дебатираат за нив.

Неодамна, откако со двоумење ги реактивирав моите профили на социјалните медиуми, зборував со терапевтката и директорка на клинички развој на Talkspace (платформа за психотерапија на интернет), Никол Емсбери, да ми разјасни зошто луѓето изгледаа толку загрижено што јас правам пауза. Talkspace е онлајн компанија за терапија, која има програма чија цел е да ги третира луѓето со зависност од социјални медиуми.

Зошто толку многу луѓе беа загрижени што јас паузирам од нешто што е познато како ментално нездраво? И бидејќи е нераскинлив дел од мојата работа, во ред ли е да отстапам и да го земам одморот кој толку многу ми треба?

„Ако не си на социјалните медиуми, луѓето почнуваат да мислат дека си болен, бидејќи немаат слушнато ништо ново од тебе“, вели Емсбери.

Ми стана јасно кога ненамерно го земав телефонот во рака да го проверам Твитер првите неколку денови, иако беше избришан од мојот телефон, дека сум ја изгубила контролата врз мојот импулс да го освежам мојот „тајмлајн“. Емсбери рече дека ова е еден знак кој може да покажува проблематично користење на социјалните медиуми.

„Мислам дека многу луѓе експериментираат со тоа што за нив е комотно“, вели Емсбери. „Кога ќе почнеш да се чувствуваш како да губиш контрола, тогаш се појавуваат проблемите“.

Дури и кога ќе почнев да се чувствувам изолирано, знаев дека го избегнувам сведочењето на траумата на другите луѓе, од светови и слики кои во потрага по свет кој е помалку клише, ме вознемируваа. Особено бидејќи жалев поради самоубиството на близок пријател минатата година, Твитер не беше најбезбедното место за мене со оглед на изразувањето на суицидални идеи од страна на младите  – „ќе умрам хаха“ во илјадници објави. Тоа е црн хумор кој спроведува поврзаност со други кои се чувствуваат исто. Но, не е се така смешно кога неодамна сте изгубиле некој поради самоубиство.

„Луѓето зборуваат за Твитер профилот на претседателот, како зборуваат меѓу себе, и некои од нештата кои се емитуваа во живо на Фејсбук се навистина трауматични“, смета Емсбери. Во контекст на сиот хаос ккој го доживуваме, дали се социјалните медиуми навистина добри за општеството?

Кога и да ме прашаше некој како се чувствувам поради одморот од социјалните медиуми, го опишував како „благослов“. Бев сама со моите мисли, на мир, без притисокот да навлегувам во стресни дискусии со непознати на интернет. Почесто се гледав со пријателите. Правев повеќе фотографии без намера да ги објавам некаде за да бидат валидирани. Посетував водопади и поминував време со личноста која ја сакам. Но и покрај сето ова, беше тешко сосема да избегам кога луѓето со кои бев постојано седеа на социјалните медиуми. Или пак, кога пријателите ќе ми пуштеа линк до твит, меме или линк во вест.

Емсбери објасни дека голем број луѓе размислуваат сосема да се исклучат додека се на одмор. Но, ако немате одмор од работното место, или пак морате да бидете на социјалните медиуми, таа има предлог.

„Мислам дека сите се справуваат со тоа“, вели таа, препорачувајќи го правилото кое таа го нарекува „20-20-20“. Емсбери вели „дека ако си 20 минути пред екран, треба да направиш пауза од 20 секунди и да гледаш 20 стапки подалеку. Да гледаш во нешто сосема поразлично кое не е поврзано со компјутер или екран воопшто, и да вдишеш длабоко“.

Иако правилото „20-20-20“ традиционално се користи за здравје на очите, вели Емсбери, може да помогне и за развивање на самосвеста кога се користат социјалните медиуми. „Истегнете се, погледнете далеку, помислете, „Добро, го добив ли тоа што го барав од социјалните медиуми?““, дополнува таа.

Иако чувствував дека сум зад другите во циклусот на вести, сепак, едно чувство ме зачудуваше во текот на паузата: исклученоста. После една недела, сепак, го активирав Фејсбук за да можам соодветно да си ја завршам работата. (Фејсбук во основа е современа верзија на Жолти страници, и поради тоа ми е потешко да го избегнам). Но, на Твитер ме немаше подолго од месец, што е голема работа за мене бидејќи не сум го деактивирала откако почнав да го користам во 2009. Секој ден, сакам пак да го исклучам и да се откажам од „психичкиот крек-кокаин“, како што колегата автор на Vice, Дру Браун, го нарекува.

Иако се вратив, ги користам социјалните мрежи со контрола. Не седам на Твитер освен додека сум на работа, не пишувам лични работи во моите објави (засега), Твитер апликацијата ја нема на мојот телефон, ги исклучив сите нотификации за социјалните медиуми, се трудам најмногу што можам да користам мејл и текстуални пораки, наместо комуникација преку социјалните медиуми. Не користам многу зборови, не следам некои луѓе кои порано ги следев, и решив да го активирам филтерот за квалитет.

Но, колку и да го мразам ова срање со секој атом на моето битие, сепак е дел од мојата работа и мојот живот. Веројатно е исто и со вас.

„Ако било кој смета дека социјалните медиуми се плитки или начин на „тепање време“, или е само начин на кој луѓето го покажуваат своето его, мислам дека се грешка“, вели Емсбери.

„Луѓето ги користат на неверојатно личен начин, чувствително и мотивирачки, па затоа ја имаат способноста да направат и добри и неверојатни нешта, колку што можат да наштетат“.

Алисон Тиерни за Vice