[Став] Како битката за Белград стана борба против режимот?

Ноќта на 24-ти април е важна поради две работи: соопштувањето на изборните резултати и упадот со багери на приватен имот во Савамала од страна на една група неидентификувани луѓе со фантомки. Покрај рушењето без налог, овој одред со фантомки, а без легитимации, ги лиши граѓаните од нивниот имот но и од слобода, издавајќи им наредби како да се воени заробеници на освоена територија, а не граѓани кои само што излегле од некој концерт или ја започнале својата ноќна смена. На повиците на граѓаните,полицијата не реагираше и ниту таа ноќ, ниту пак некој од наредните денови, излезе на увид да провери што се случувало, пишува студентот Мирко Даутовиќ за Гласови за демократија.

Ние се уште не знаеме кои се и од каде дојдоа тие луѓе во фантомки, но и тие и нивното рушење во Савамала се само уште една манифестација на вистинската причина за незадоволството. Тоа е државата заробена од страна на политичките партии, сведена на машинерија со која се наградуваат партократите а граѓаните се експлоатираат. На протестите се бара целосната вистина за случајот — имиња и презимиња на одговорните- и нивна политичка одговорност (оставки), но и правна (за почеток, отворање на истрага).

Премиерот во еден момент, иако без спомнување на имињата, прокоментира дека одговорни се луѓето на врвот на градската власт, што беше очигледно од самиот почеток. Поради ова демонстрантите бараат оставки од градоначалникот Синиша Мали,министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, и други високи функционери во полицијата и комуналната полиција, поради нивната одговорност во прикривањето на инцидентот.

1-g3fiXx5-IAgPHA-mUMyLag (1)

Протестот на 25-ти јуни, како и претходните, почна пред работното место на градоначалникот, Градското собрание, но прошетката овој пат заврши кај зградата на Сојузниот Извршен Совет на СФРЈ во чие западно крило се наоѓа Министерството за внатрешни работи, односно полицијата. Оваа стратегија на организаторите често да ја менуваат протестната рута е одлична поради тоа што не ги ограничува протестите само на центарот на Белград и кругот на трамвајот со број 2. Палатата на СИС, колку што јас знам, досега никогаш не доживеала протести а огромното плато пред неа, полно со тревници, е како створено за тоа.

Втората причина за ваквата рута е видливоста на нашето мнозинство — има снимки од дрон каде што се гледа како почетокот на колоната поминува покрај трговскиот центар Ушче (некогашниот Централен комитет на КПЈ), а крајот се губи некаде на почетокот на Бранковиот мост кој е долг скоро 300 метри и се тресеше од нашите чекори. На почетокот на протестната прошетка поминуваме низ Теразискиот тунел, долг 250 метри. Кога јас влегував во него, видов дека првите редови веќе беа излезе, а кога излегував, крајот на колоната уште не се наѕираше.

Нашите извици во тунелот добија огромна акустична енергија и луѓето едногласно викаа „Чив град? Наш град!“. Се чувствувавме моќно и бевме среќни.

Самата можност да го спречиме заробувањето на нашата држава и самоволието на моќниците кои ја доживуваат победата на избори како небесен мандат, ни овозможи да се чувствуваме така.

А требаше само можност да почнат работите. На секој протест на кој сум бил, луѓето на почеток се малку, до 2000, па подоцна во текот на протестот доаѓаат се повеќе, и за протестната прошетка, се собираат во многу поголем број. Тешко е да се каже колку е бројна групата кога сте нејзин дел, но проценките одат и до 25000 што, кога ќе ги видите фотографиите и снимките, воопшто не делува невозможно.

На протестите доаѓаат и провокатори. Мали групи од по неколкумина (максимум десет) млади со мрачни лица кои говорат за тоа дека се таму затоа што мораат а не затоа што сакаат. Некои од нив носат транспаренти што други им наредиле да ги напишат, ама ги местат така да не им се гледаат лицата. Полицијата која обично ги прати протестите сега служи да ги заштити тие луѓе, иако демонстрантите не покажуваат никакви знаци на агресија кон нив, освен дофрлувањата „сендвич, сендвич“ и „ботови, ботови“ со што реферираат на должноста на членовите на Српската напредна партија редовно да доаѓаат на состаноци и да оставаат пропагандни коментари на сајтовите на многу медиуми. За оваа своја активност, партијата ги наградува со сега веќе познатите сендвичи и можната перспектива за напредок.

Но која е перспективата на протестите? Доаѓа лето и активностите ќе спласнат, и од страна на организаторите, и од страна на Владата, која и покрај мнозинството што го има коалицијата на Вучиќ во парламентот, ни по 2 и пол месеци од победата на изборите не е оформена. Па сепак, протестите почнаа да зачестуваат и да се поврзуваат. Поради промената на РТВ Војводина и враќањето на кадри од деведесетите кои ја подржуваа војната, започнаа протести во Нови Сад.

Инаку, барањето на економска правда игра се поголема улога во протестите. Ако ги земеме предвид најавените отпуштања во државниот сектор, и тоа не на бескорисните партиски наместени службеници, туку на лекари и наставници, ако ги земеме предвид намалувањата на пензиите и платите, и порастот на животните трошоци, и новите грешки кои кадрите на Вучиќ сигурно ќе ги направат, народниот гнев ќе порасне од многу причини.

Последниот случај е смрт на продавач на лубеници кој беше нападнат од припадници на комуналната полиција. Наводно сакале да му наплатат казна на старецот поради палетите кои штрчеле, а всушност станува збор за неговото одбивање да ги потплаќа силеџиите во униформи. Комуналната полиција е оформена од Демократската партија, но под власта на СПП ја доби репутацијата на ударна форма на самоволието коja ги казнува обичните граѓани за секакви ситни престапи, но не се ни обидува да делува против моќниците, богаташите и оние кои ја подмачкуваат таквата правда.

Преку овој случај на смрт на продавачот на лубеници се гледа какодржавата полека се распаѓа и како овој процеп ќе не проголта и нас. Слично како со случајот на паднатиот хелихоптер за кој обвинителството тукушто објави дека никој не е виновен, како и серијата лажни докторати, магистерски титули и типломи на партиските војници за кои малку професори имаат интегритет да кажат дека се измамници и веќе ги сносат последиците поради тоа. Влијае и ароганцијата и потценувањето на властодржците кога зборуваат за нас.

Законите важат за обичните, а институциите кои би требало да ги спроведуваат ги изедоа генерации партиски војници, полтрони, без доблести и без поим за одговорност кон што било, освен кон сопствениот задник.

На есен, протестите околу Белград на вода ќе продолжат и ќе послужат како јадро на кое ќе се насобере уште повеќе незадоволство кон владата и нејзините „реформи“ на кои четвртина од граѓаните им ја подари својата доверба во април. Против нив сега расте движење на граѓанско незадоволство од политиката, не само на СПП туку и на сите партократи кои во еден или друг момент ја злоупотребиле државата за своја корист. Тоа што СПП ќе бидат директна мета не е само нивна вина, туку последица на акумулираниот гнев кон политичките партии, но и потполната неспособност на кадрите на СПП да бидат на власт.

Многу влади прибегнуваат кон кршење на законите, и на Балканот, и во Британија и во Русија, и често им поминува тоа. Но не и кога тоа го прават трапаво, безобзирно, или дури и без некоја логична причина. Кој и да го нареди фантомското рушење, без судски налог, без легитимации, на сред ноќ, со фантомки кои спротивно на сите закони, привремено ги лишија граѓаните од слобода и имот, ја повреди државата која ни припаѓа на сите нас, граѓаните.

Гневот на луѓето на улиците доаѓа од стравот дека утре нашите куќи и станови, нашите слободи и права ќе бидат исто така суспендирани и срушени.

Дека и нас некој комунален полицаец или сличен ситен властодржец ќе не убие со конфискување или казна, поради продажба на лубеници. Понекогаш, ваквиот терор има спротивен ефект и ќе резултира со побуна, а не сo покорност кон оној на власт.

Aвтор: Мирко Даутовиќ