[Став] Европа во училиштата

Активните граѓани ја чинат демократијата, а нив ги создава политичката едукација. Високо развиената свест за правото активно да се учествува во демократските процеси несомнено се наоѓа во сржта на едно функционално демократско општество. Ваквата свест се гаи уште од рана возраст и притоа произведува активни граѓани способни за критичко размислување и носење на  информирани одлуки. Токму затоа политичкото образование треба да биде неизоставен дел од образовниот процес. За жал, формалното образование во Македонија честопати го докажуваше токму спротивното. Аргумент во насока на ваквиот заклучок е и фактот што во одредени наставни материјали по предметот граѓанско образование, предмет кој, меѓудругото, има за цел да ги едуцира граѓаните за нивните права и обврски во едно демократско општество, јавноста можеше да забележи примери преку кои се промовираа поданички и авторитарни вредности. Дотолку повеќе, изучувањето и прифаќањето на европскиот вредносен систем, како дел од евроинтеграцискиот процес, скоро и да е игнорирано од страна на образовните институции.

Проектот „Europe at school“ или „Европа на училиште“, произлегува токму од проценката на повеќе про-европски организации дека во наставните курикулуми низ Европа недоволно внимание се посветува на изучување на концептот на „активно европско граѓанство”.  Под овој концепт се подразбира изучување на eвропските фундаментални вредности, институциите и функционирањето на ЕУ, правата и можностите кои им ги нуди на младите луѓе како и потребата од активно учество во политичкиот и општествен живот. Водејќи се од проблемите со кои се соочува македонското општество, ЏЕФ Македонија во соработка со неколку ЏЕФ национални секции ќе го спроведе овој проект.

Проектот се состои од неформални едукативни интервенции во основни и средни училишта и цели кон стимулирање на граѓански активизам и зајакнување на граѓанското образование. Активностите вклучуваат интерактивно учење преку дебати, игри, работилници кои се приспособени за различни возрасни групи. Па така, примарната цел на интервенциите во основните училишта е препознавањето и почитувањето на културниот диверзитет, додека пак во средните училишта вниманието е насочено кон политичките институции и развивање на дебатни вештини.

Според истражувањето на Реактор за граѓанско учество 58% од граѓаните на Република Македонија не веруваат дека можат да влијаат во својата заедница, додека пак 37% сметаат дека не е нивна лична одговорност да ја подобрат заедницата. Ваквиот проблем укажува на недоволно обратено внимание во образовниот процес на развивање на општествена свест и желба за вклученост во решавање на проблемите од општ интерес. Неопходно за развој на заедницата е младите уште во училишните клупи да научат дека преку позитивен придонес кон развој на општеството си помагаат себеси и на другите и дека можат да направат промена. Граѓанскиот активизам придонесува кон поголема вклученост на младите во општеството и креира чувство на припадност кон пошироката заедница. Во едно високо поларизирано општество како македонското, граѓанскиот активизам преку сплотување во заеднички цели придонесува кон надминување на недоразбирањата и разликите, градење на солидарност и јакнење на општествената кохезија.

„Europe at school“ се стреми да влијае во формирањето на ставовите, знаењата и вредносниот систем на младите со цел тие: да разберат, да сакаат, да учествуваат. Да разберат што е Европската Унија и кои можности им ги нуди, да ги прифатат и засакаат европските вредности и културните разлики и активно да учествуваат во општествениот и политички живот. Интерактивниот пристап и поттикнувањето на дебати за ЕУ се од големо значење во борбата против националистичките тенденции и eвроскептицизмот, како и расчистување на дилемите за eвроинтеграциите. Членството во Европската Унија кон кое што Македонија се стреми мора да биде поткрепено со прифаќање и идентификување со eвропските вредности.

Стратешкото партнерство помеѓу повеќето ЏЕФ секции е наменето на размена на добри практики и развивање на способностите на младите вклучени во проектот за вршење на интервенциите. За таа цел ќе се одржат неколку тренинг-средби помеѓу партнерите од кои првата ќе биде во Скопје, на 24-ти и 25-ти март.

Здружението Млади Европски Федералисти Македонија [ЏЕФ Македонија] е граѓанска, политичка, младинска, непартиска организација која се залага за вклучување на граѓаните во евроинтеграциите на Република Македонија во обединета и федерална Европа, почитување на човековите права, зачувување и развој на демократијата и владеење на правото. Организацијата е дел од ЏЕФ Европа, со седиште во Брисел, која брои илјадници членови во повеќе од 35 европски земји. Овој проект е дел од низата активности кои ЏЕФ Македонија ги презема со цел политичко информирање и активирање на младите во евроинтеграцискиот процес како и креирање на слободно и партиципативно, демократско општество.

Сара Јанеска и Таљат Агуш 

Сара Јанеска студира политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и е активен член на ЏЕФ Македонија. Искуството со неформално образование го има стекнато како предавач во дебатниот клуб на МОФ.

Таљат Агуш е правник со завршени правни студии на Правниот факултет ,,Јустинијан Први’’ во Скопје. Се стекнува со титулата магистер по право на заедничката програма по право на интелектуална сопственост на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Правен факултет во Скопје и Универзитетот од Стразбур, со што се стекнува со двојна диплома. Како член на ЏЕФ Македонија постојано учествува во проекти, обуки, настани и семинари. Поле на интерес му се владеењето на правото, човековите права и евроинтеграциите.