[Став] Душата на една книга

Екраните имаат своја употреба, но не носат сеќавања со себе.

Кога татко ми се пензионираше, нé однесе нас, неговите четворица синови, во својата канцеларија преполна со книги. Таму, на сите ни даде самолеплива хартија со точки во различни бои. „Секој од вас има своја боја“, рече. „Ставете ја лепенката на која книга сакате. Ако нема друга лепенка, книгата е ваша. Ако има две или повеќе, ќе се трампате сé додека не се сите задоволни“.

Ни требаа неколку часа, но на крај татко ми задржа две мали полици со скапоцени книги, а секое од неговите деца си замина со неколку кутии. Татко ми се пензионираше пред 25 години, а почина пред шест, но често, кога гледам во моите полици, некои од книгите сé уште ми изгледа како да не припаѓаат кај мене, бидејќи и јас и тие знаеме дека припаѓаат на неговата полица.

Неколку години бев директор на библиотека. Одев во домовите на луѓето и ги собирав книгите кои сакаа да ги донираат. За многумина тоа беше болно, настан кој најавуваше нечија смрт или следуваше после неа. Никогаш нема да заборавам една жена, која имаше еден куп томови од стариот Horizon Magazine и многу инсистираше да дојдам и да ги земам. Бидејќи на библиотеката не ѝ беа потребни, постојано одолговлекував, сé додека конечно не појдов во нејзинот мал стан.

Беше постара жена, со лошо здравје. Гордо покажа кон полицата со книги и магазини и ми кажа да ги земам. „Секако“, реков, и ѝ се заблагодарив, иако не можев да ѝ ветам дека ќе ги наредиме во библиотеката, или ќе ги препродадеме. „Во ред е“, ми одговори. Немаше семејство, и тоа беше единственото нешто што го сакаше.

Посочи кон станот преку ходникот и рече „Не сакам таа да ги земе“. Сфатив. Ги зедов книгите.

Сé помалку луѓе денес, за разлика од мојата младост, ги минуваат своите животи акумулирајќи книги кои ги следат низ годините. Прошетката низ Њујорк порано беше литературен еквивалент на шетање низ пабови – посетување на книжарница по книжарница, за секој том на нечија полица да раскаже различна приказна.

Се сеќавам на книгите кои ги купив првиот пат кога татко ми ме однесе во Њујорк, книгите кои ги најдов на гаражна распродажба во Единбург на студентска размена кога бев бруцош, и на посебниот афинитет кој го почувствував за човекот наречен Edgar Smith Rose, кого никогаш не го запознав. Многу книги кои ги купив низ годините на годишна распродажба на книги во Хаверфорд, Пенсилванија, го носеа неговото име и автограм. Со години читав заедно со мојот добродетел чии интереси и идеи ги знаев, но кој остана мистерија за мене.

Иако се обидувам да подарувам што е можно повеќе книги, продолжуваат да се таложат. Еден ден моите илјадници и илјадници томови ќе мора да најдат дом, или да бидат расфрлени. Мојата ќерка е читач, и без сомнение ќе земе многу, но светот се дави од книгите. После толку години во библиотеката, не се залажувам себеси дека има нешто посебно во мојата колекција што мора да биде зачувано.

Сепак, одвреме навреме ќе отворам некоја книга и ќе видам што сум потцртувал со години порано, или забелешка напишана од дланката на татко ми, или дланката на некој анонимен читач пред мене. И разбирам дека цивилизацијата е пренесена преку оваа алхемија на зборови на лист хартија.

Кога бев дете, татко ми доби повик од пријател кој исто така беше рабин. Пријателот итно му рече: „Џери, мора да дојдеш кај мене веднаш!“. Неколку години пред да се јави, овој стар пријател на татко ми купил стара колекција од Talmud бидејќи не сакал да биде уништена, и ја зачувал во кутија во неговата гаража.

На денот кога се јави, имаше поројни дождови во Филаделфија, а покривот на неговата гаража претекол. Отрчал до гаражата и меѓу сите книги, ја отворил кутијата со книгите од Talmud за да се осигура дека не се оштетени од водата. Извадил една книга и ја разлистал, кога случајно забележал нешто рачно напишано на маргините на една страница. Кога татко ми пристигнал, пријателот му ги покажал натписите со солзи во очите. Пишувало „Моето име е тоа и тоа и јас сум од Вилна. Нацистите пристигнуваат во мојот дом. Учев сé до овој момент. Ако оваа книга ме надживее, ве молам да почнете да учите од овде во моја чест“.

Екраните имаат своја употреба, но не носат сеќавања со себе. Книгата е пријател, потсетување, обновлив извор на спомени и мудрост. Книгите на татко ми стојат на моите полици и ја носат неговата искра, а јас се надевам дека еден ден ќе ја носат мојата.

Пишува David Wolpe, рабин на храмот Синај во Лос Анџелес.

Извор: Time