Средношколскиот камп се распушта, бојкотот на наставата ставен во мирување

Бојкотот на наставата на средношколците се става во мирување, додека кампот поставен спроти Министерството за образование и наука се распушта, изјавија од Средношколскиот пленум на денешната прес конференција.

Средношколците ваквата одлука ја донеле на вчерашниот генерален пленум, каде заклучиле дека целата гарнитура во Министерството за образование и наука, на чело со министерот Абдилаќим Адеми, е нелегитимна.

Според Исмет Шабановиќ од пленумот, министерството наместо да ги реши проблемите на средношколците, дозволило пред нивните порти да спијат малолетни деца изложени не само на небезбедното време, туку и небезбедната ситуација која во Македонија се повеќе се влошува. Соочени со ваквата ситуација тие донеле одлука да го стават бојкотот во мирување.

„И покрај целата наша пожртвуваност и желба да најдеме крајно решение на овој проблем, не наидуваме на компромис од другата страна. Не можеме повеќе да бидеме дел од масата со луѓе кои во целост ја изгубија јавната поддршка и јавниот кредибилитет, а доказ за тоа се преку 15 илјади потписи кои ние како Средношколски пленум за нецели две недели. Им порачуваме, имате време да се свестите, цел летен распуст за да ги средите работите, грешките кои ги направивте, да ги исправите. Бидејќи временскиот период сега не дозволува промена на екстерното тестирање, затоа ние сега го распуштаме кампот и го ставаме во мирување бојкотот“, рече Шабановиќ.

Симона Туфегџиќ од септември најави уште порадикална борба за подобро образование. „Им порачуваме на сите дека борбата тука не завршува, ќе продолжи понатаму затоа што ние тука не ставаме точка, туку запирка. Имајте ја на ум нашата решителност, непоколебливост, бројност, имајте ги на ум овие за нас крајно тешки месеци, кои како бумеранг ви се одбија од главите и имајте го на ум Први септември и не дозволувајте реприза на периодот кој измина, затоа што одговорноста за тоа ќе ја сносите вие“, додаде таа обраќајќи се на надлежните во министерството за образование.

Средношколците информираа дека за одработување на пропуштената настава ќе одлучуваат самите училишта и ќе се обидат да најдат компромис со нивните професори.

Од Средношколскиот пленум најавија дека донациите кои ги добиле од граѓаните за поддршка на иницијативата, ќе ги донираат за обнова на изгореното училиште „Вук Караџиќ“ во Куманово.

Бојкотот на наставата на учениците траеше повеќе од еден месец, додека кампувањето под отворено небо – две недели. Средношколците бараат враќање на стариот концепт на полагање државна матура, како и ставање во мирување на екстерното тестирање, додека не се подобри неговиот квалитет.