„Срам да ви е!“ Ученици низ САД на протести за построга контрола на оружјето

Стотици ученици од средното училиште во Паркланд, Флорида, каде минатата недела беа убиени 17 лица во вооружен напад, вчера маршираа заедно со нивни колеги од другите училишта со барање за безбедност во училиштата и ставање крај на насилството со оружје низ земјата.

Ученици низ Соединетите Американски Држави, од Калифорнија до Вашингтон, одржаа протести во солидарност со преживеаните тинејџери од Флорида, по настанот кој предизвика голем револт низ земјата насочен кон законодавците и Националната асоцијација за оружје.

Енергичната група млади кои протестираше пред американскиот Конгрес извикуваа „Доста е!“, „Никогаш да не се повтори!“ и „Срам да ви е!“. Во Аризона 200 ученици во источен Феникс се собраа на 17-минутен молк, по една минута за секоја од жртвите од Флорида. Во Делавер, стотина ученици 17 минути беа собрани околу јарболот со американското знаме со барање за строги законски контроли на оружјето.

Лоренцо Прадо, еден од учениците во училиштето каде беше извршен нападот, во првичните хаотични моменти од случувањата бил погрешно посочен како напаѓачот. Тој вели дека се чувствува виновен за луѓето кои не успеал да ги заштити.

„Многумина вината за настанот ја префрлаат кон ненавремена акција од ФБИ, или на администрацијата на Трамп. Едноставниот факт е дека законите на оваа наша сакана земја дозволуваат психички нестабилен човек легално да купи пиштол“, вели Прадо.

17-годишната Флоренс Јаред се придружи на големиот број гласови кои порачаа дека нема да се чувствуваат безбедно кога следната недела ќе се вратат во училишните клупи.

„Никогаш повеќе нема да одам по ходниците по кои сум одела милион пати претходно без страв и тага. И тоа само поради штетата која може да ја направи една АР-15 автоматска пушта“, рекла таа.

Мали групи на учениците од Паркланд се сретнаа со законодавците, еден ден откако тие со огромно мнозинство го одбија предлог за забрана на повеќе видови полу-автоматски пушки и шаржери со поголем број куршуми.

„Немав зборови. Чувствував лутина, шок, неверување. Знаеја дека сме овде и дека само што поминавме низ масакр во кој загинаа 17 луѓе“, рекол 16-годишниот Спенсер Блум, по гласањето на претставничкиот дом.

Во меѓувреме, решението според Доналд Трамп треба да се бара во вооружување на наставниците. Тој го изјавил ова при сослушувањето во Белата Куќа на преживеаните ученици од нападот во Флорида, каде изјавил дека размислува за предлог наставниците да имаат оружје за да се спречат масовни оружани напади.