„Спас за Валандово“: Против рудниците на смртта гласаа 4700 граѓани, под силни притисоци

Иницијативата „Спас за Валандово“ соопшти дека против рудниците на смртта гласале 4700 граѓани. Сепак, иако неофицијално, не е постигнат цензусот за излезност на 51 отсто од граѓаните, што значи дека референдумот не е успешен.

„Денешниот ден беше многу тежок почнувајќи од притисоците врз граѓаните од локалната самоуправа, компанијата Сардич и Украинската амбасада. Ова денес личеше на се, само не на мирен референдумски ден. Наместо жителите на Општина Валандово на овој ден како во секоја демократска земја да излезат и го дадат својот глас, тие беа сардисани од сите страни. На улиците на Валандово имаше буквално војна, МВР не беше на висина на задачата, а од општинската изборна комисија имаше само една прес конференција со најосновни информации, и ниту еден пресек на гласови“, изјави Кристијан Балески, дел од иницијативата.

Тој потсети на забелешките дека во последните 48 часа за време на референдумскиот молк, неколку пати молкот е нарушуван со делење пропагандни материјали, реклами на Радио Валандово и тропање на врата на граѓаните од страна на Сардич, локални функционери и претставници на една од политичките партии.

„Во текот на предвечерието пред референдумот, имаше дури и телефонски јавувања од носители на јавни функции, кои на вработените им се закануваа со помали плати и отпуштања, а на пензионерите им велеа дека ќе им ја прекинат пензијата. Имаме повеќе од 10 документирани случаеви на гласачи кои беа вратени од изборните места, бидејќи ги немало на список а ги има во електронскиот избирачки список, самите списоци не беа прочистени имаше и починати граѓани. Како и да е, и покрај сите овие опструкции, закани и тормозења, Валандово денес ќе слави. Речиси половината граѓани свесно и разумно го дадоа својот глас против отровот и смртта, и тие вечерва ќе спијат мирно, знаејќи дека имаат совест и самопочит“, истакна Балески.