Донирани околу милион денари вчера во „Излет“ за шарените командоси

Во текот на вчерашниот солидарен настан за плажање на казни на демонстрантите од Шарената револуција, се собрани речиси милион денари, соопштија од кафе барот „Излет“ кој беше домаќин на настанот.

„За време на настанот беа собрани 1405 евра, 40 долари и 878 360 денари, односно се вкупно над 955.000 денари. Им благодариме на сите граѓани кои се солидаризираа со сите оние кои добија и ќе добијат драконски казни само заради своето изразување на право на протест. Заедно сме посилни!“, велат од „Излет“.

Настанот кој беше насловен „Сите за еден, еден за сите!“ наиде на голем одзив во јавноста,  а голем број граѓани синоќа дојдоа во кафулето за да остават донации.

„Само во Скопје се поднесени кривични пријави против 7 од најактивните граѓани – нашите Шарени Командоси. Се поднесуваат прекршочни пријави против десетици други граѓани, а да не заборавиме и за оние што се уште се во домашен притвор. За сите нив се очекува да добијат огромни парични казни за изразување на своето право на протест“, порачаа од Шарената револуција.

Кривичните пријави против седумтемина „командоси“ во Скопје беа покренати изминатиот петок. Истиот ден имаше кривични и прекршочни пријави и против 26 лица во Битола.