Слободни студентски избори догодина и нов правобранител

Следната година на универзитетите ќе се одржат слободни студентски избори и ќе се бира нов правобранител. Средношколците ќе добијат нов механизам за организирање, а во меѓувреме ќе се креира и долгонајавуваниот Закон на млади. Владата и младинските организации, на денешната владина седница посветена на младинските политики се договорија да создадат седум работни групи со кои ќе се овозможи барањата на младите да се преточат и во дела.

Како што изјави извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова, нивните барања за подобро студентско и средношколско организирање, конечно ќе почнат да се реализираат.

„Договоривме и побаравме вистински студентски избори за вистински студентски претставници. СПУКМ како најголемо претставничко тело, беше нелегитимен, нелегален, а наскоро и тело со истечен мандат . Новиот Закон за високо образование предвидува реформирање на СПУКМ,  во вистинско парламентарно тело – студентско собрание. На почетокот на следната година за првпат треба да се одржат избори каде секој стиудент може да се кандира, да гласа или да ги претставува студентите“, изјави Костуранова на прес конференцијата по завршувањето на владината седница.

Костуранова соопшти дека ова значи и избор на нов студентски правобранител, кој за првпат ќе може самостојно да постапува. Во делот на средното образование пак, новина е тоа што од следната учебна година добиле уверувања дека учениците ќе можат да учествуваат на седници на училишен одбор, совет на родители и на наставничкиот совет.

Блажен Малевски, претседателот на Националниот младински совет на Македонија, НМСМ пак ги поздрави заложбите за донесување на Закон за млади,со кој треба да го обезбеди остварувањето на сите права на младите во земјава.Истакна дека е неопходно креирање механизми за задолжително вклучување на младите во донесување одлуки.

„НМСМ зборуваше за креирање механизми за задолжително вклучување на младите во донесување одлуки, но не само преку консиултации, туки и преку предлагање од страна на младите и заедничко дебатирање со оние кои носат одлуки. Оттука, произлезе  предлогот за коменаџмент-заедничко носење одлуки, предложивме механизам за стратешко комуницирање  со младите, кој во следните 30 дена треба да биде разработен од работни групи“, рече Малевски.

Премиерот Зоран Заев пак истакна дека е задоволен од седницата во која учествуваа претставници на повеќе младински организации.

„Покажавме дека  младината во Македонија, со своите храбри идеи е подготвена да учествува во градењето современо, демократско и еднакво општество за сите. Ги повикувам младите со сите свои идеи и сили да учествуваат во водењето на Македонија напред и да останат буден коректив на власта“, рече премиерот.

Во текот на седницата била истакната важноста од функционалните Локални совети за млади во општините, како и препознавањето на професијата младински работник, за што е формирана и работна група. Новина е креирањето работна група на која ке се изготвуваат моделите за воведување сеопфатно сексуално образование, како и работна група што за унапредување на лекувањето и ресоцијалиазација на малолетници  кои користат психоактивни супстанци.

Од Владата информираа дека со 16,5 милиони евра ќе ги стимулираат програмите и мерките за вработување за млади во 2018 година. Со овие мерки ќе се овозможи вклучување на млади лица во различни обуки за стекнување знаења за побарувани занимања на пазарот на трудот.