Шарена револуција за социјална правда, обоени АВРМ и Министерството за економија

Со боење на Агенцијата за вработување на РМ и Министерството за економија, демонстрантите од Протестирам и Шарената револуција денеска го искажаа револтот од лошите политики за вработување, но и поради недостигот на социјална правда.

Балоните со боја летнаа прво кон АВРМ, откако демонстрантите кои и денеска се собраа пред СЈО, продолжија со марш кон Агенцијата.

Оттука се упатија кон Министерството за економија, кон чија зграда летна втората тура боја. протестот продолжи со обраќањата на демонстрантите пред приситните, од импровизираната бина.

„Веќе три години живеам во Македонија без мојата сестра која замина во Америка. Во моментов живееме во држава во која 600 000 граѓани се имаат иселено од Македонија, тоа се наши луѓе, кои ги сакаме, кои можеа да направат многу за оваа држава. Скоро половина од младите не се гледаат во оваа земја. И оваа вечер протестирам затоа што сестра ми е еден од тие 600 000 лица што заминаа од змјава. Протестирам затоа што партиска книшка нема да биде дел од моето СВ  и услов за да се вработам. Протестирам за тука да ми биде убаво“, истакна студентот Петар Антевски во своето обраќање.

Професорката од Економски факултет, Билјана Секуловска Габер, пак посочи дека секој ден излегува на протести за да побара промени.

„Ова Министерство за екомомија има основна задача да го финансира образованието, но тие што прават – каде е бизнисот, каде финансираат, колку оди во образование и наука? И не е вопшто чудно кога една држава двои само о,2 % од БДП за иновации, какво образовние ние може да имаме. Да се чувствувате странец во сопствената држава- е тоа нема да може. Мора да се стави крај на тоа, порача Габер

Левичарот Дејан Луковски – Дексо пак се осврна на потребата од социјална правда. 

„Имаме власт која се фали дека ја спуштила невработеноста на најниско ниво досега. Ако ги прашаме ние , им требаат уште 10 години за оваа стапка да дојде на нула или во минус. Со секоја законска промена се зголемува бројот на невработени кои се бришат од евиденција.Алтернативата за сите млади е да најдат некој бедна работа кај странските инвеститори, оази на робовладетелството, каде се работи за минимални плати и се кршат работничките права. Нив владата им даде субвенции. Тука сме за сите оние кои не ја добиле социјалната правда“, рече тој.

Протестите во Скопје почнаа пред еден месец, откако претседателот Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција за политичарите против кои СЈО води истраги. Деновиве тие се интензивираат и низ цела Македонија. од неформалното движење Протестирам најавија дека ќе излегуваат на улица се додека не се изполнат нивните барања како оставка на Иванов, поништивање на аблицијата, одложување на изборите се додека не се создадат услови за спроведување фер и демократски изборен процес.