Сексизам во учебниците – „Не може да ги учиме девојките за иднината, со книги од минатото“

Во учебниците во Танзанија, момчињата се силни и развиени, додека девојчињата само изгледаат горди на нивните убави фустанчиња.

Во книгите за основно образование во Хаити, учениците учат дека мајките „се грижат за децата и подготвуваат храна“, а татковците работат „во канцеларија“.

Во Пакистан има илустрирана книга каде сите политичари, моќни и авторитетни, се мажи.

Во Турција, цртеж од момче покажува како тој сонува да биде доктор, додека истовремено девојката се замислува себеси како идна невеста во бела венчаница.

Оваа листа продолжува и не познава географски граници.

Учебник во Танзанија – кој прикажува силни момци и нежни девојки

„Мајката се грижи за нејзините деца и готви, а таткото работи на поле или во канцеларија“ ФОТО: Студија ГЕМ – УНЕСКО

Експертите велат дека родовата пристрасност е широко распространета во школските учебници за основно образование и може да се најде, во многу слична форма, на секој континент.

„Има стереотипи на мажи и жени затскриени зад она што изгледа како воспоставена улога за секој од половите“, вели социологот Рае Лесер Блумберг за ББЦ.

Професорката Блумберг предава на Универзитетот во Вирџинија и ги проучува учебниците од целиот свет повеќе од една деценија. Таа објаснува дека во нив жените се систематски отпишани, или прикажани во потчинета улога.

„Родовата пристрасност е проблем во образованието на кој му се придава мало значење. Тој не стига до насловните страни, кога милиони деца во светот немаат никакво школување“, вели таа.

Иако бројот на запишани ученици драматично е зголемен од 2000 година, УНЕСКО проценува дека преку 60 милиони деца се уште немаат ставено нога во училница. 54% од нив се девојчиња.

„Овие книги ја продолжуваат родовата нерамноправност и понатаму“, вели професорката Блумберг. „Не можеме да ги учиме децата за иднината, со книги од минатото“, додава таа.

Учебник во Тунис кој ги прикажува жените како готват и чистат

Невидлив или стереотипизиран

Минатата година, организацијата за образование на Обединетите Нации, УНЕСКО, објави предупредување.

„Сексистичките однесувања се толку подложни на ширење што учебниците на крајот го подриваат образованието на девојчињата и ги ограничуваат нивните кариери и очекувања во животот“, образложи УНЕСКО во извештајот, додавајќи дека тие претставуваат „скриена пречка“ во постигнување на родова еднаквост.

Без оглед дали се мери преку количина на текст, пропорциите на именувани ликови, спомнување во наслови, цитирања во фуснотите или други критериуми, „истражувањата покажуваат дека жените се многу помалку застапени во учебниците и предметните програми“, вели Арон Бенаво, од Универзитетот во Олбани, Њујорк, кој бил поранешен директор на ГЕМ студијата (Глобален мониторинг на образованието) за 2016 година на УНЕСКО.

Учебник од ДР Конго

Експертите велат дека проблемот е троен.

Најочигледниот аспект е користењето на родово-пристрасен јазик, бидејќи често зборови во машки род се избрани за да го претставуваат целото човештво.

Потоа, тука е и проблемот на невидливоста, бидејќи жените често се отсутни од текстовите, нивните улоги во историјата и секојдневниот живот се потчинети на машките ликови.

„Имаше еден учебник за научниците и особено се сеќавам дека единствената жена во него беше Марија Кири“, вели професорката Блумберг. „Но, дали таа беше прикажана како го открива Радиумот? Не, таа беше насликана како ѕирка зад рамото на нејзиниот сопруг додека тој зборува со некој друг – маж кој изгледа елегантно и угледно“, додава.

Трето, постојат и традиционални стереотипи во работите кои ги вршат мажите и жените, во домаќинството и надвор од него, како и клишезираните општествени очекувања и одлики доделени на половите.

Италијански учебник во кој сите професии ги вршат мажи

Пример за тоа е еден италијански учебник и поглавјето кое ги учи децата за различните професии. 10 различни опции за мажи, од пожарникар до забар и ниту една за жени.

Во меѓувреме, жените се често прикажани во домаќински работи, како готвење и перење до грижа за децата и старите.

„Загриженоста е и поради тоа што жените се портретирани како пасивно и потчинето ги извршуваат овие улоги кои се родови стереотипи“, вели едукативниот експерт Кетрин Џер, предавач на Универзитетот на Источна Англиа, која исто така била вклучена во изработката на ГЕМ студијата.

„Доколку не посетат вонземјани…“

Далеку од тоа дека овој проблем е нов. Учебниците се под критика од 1980-тите, по феминистичката заложба за реформи, најмногу во развиените земји.

Американска студија од 2011 година, често посочувана како историски најголемото истражување на оваа тема во која се проучени 5.600 детски книги објавени во 20-тиот век, утврдила дека мажите се скоро двојно повеќе застапени во насловите и 1,6 пати почесто се наоѓаат како главни ликови.

Откако проблемот првично бил идентификуван, експертите велат дека има прогрес во намалување на сексизмот, но дека тој е „многу бавен“.

Американски учебник од 1962 година, кој се користел во училиштата

Некои од учебниците кои се критикувани се објавени многу одамна, сепак тие остануваат во употреба – особено во сиромашните земји и во училиштата кои немаат средства да ги заменат.

„Секоја година е се полошо, бидејќи светот оди напред. Жените се вклучуваат во нови професии и домаќинските задачи се менуваат. А книгите не се подобруваат со истото темпо, па така разликата се проширува“, вели професорката Блумберг.

„Доколку не посетат вонземјани, само со читање на нашите учебници, не би имале никаква вистинска претстава со што навистина се занимаваат жените – и професионално и приватно.

Универзална загриженост

Истражувањата истовремено покажуваат дека проблемот е безмалку универзален. Со разлики во фрекфенцијата и интензитетот, сексизмот е раширен подеднакво низ учебниците и во сиромашните и во богатите земји.

Податоците се распрскани, но неколку стидии објавени во последнава деценија нуди доказ.

Игри со родови стереотипи во Казахстан (лево) и животни стремежи во турски учебник

Книга по историја за третоодделенци во Индија, на пример, не покажува ниту една жена со кариера. Учебник по англиски јазик, кој се употребува во Кенија, илустрира активни мажи кои имаат „интересни идеи“, додека жените и девојките готват јадења и ги чешлаат куклите.

Мажите сочинуваат 80% од ликовите во книгите направени од министерството за образование на Иран.

Учебниците по математика во Камерин, Брегот на Слоновата Коска, Того и Тунис имаат пропорција на женски со машки ликови помала од 30%, измерено од една студија од 2007 година.

Истражување на научните книги во Велика Британија и Кина, исто така покажува дека огромни 87% од ликовите се мажи.

Студија во Австралија, спроведена во 2009 година, открила дека 57% од ликовите во учебниците се мажи и покрај тоа што во државата има повеќе жени од мажи.

„Некој би помислил дека во поразвиените земји учебниците би биле малку попрогресивни, сепак во Австралија мажите се двојно повеќе прикажани во менаџерски улоги и четирикратно повеќе во политиката и владата“, вели Џер.

„Има и екстремен случај во кинеска книга, каде има само една хероина на Комунистичката револуција од 1949 година. И таа не е опишана како да се бори за промена на законите или во првите борбени редови со Мао, туку е прикажана како му додава чадор на еден машки стражар кој стои на дожд“, опишува Блумберг.

„Активности за мама и тато“ во Пакистанска работна тетратка – додека таа готви, тој се релаксира и чита

Занимања според полот во кениски учебник

Влијателни помагала за учење

Експертите потенцираат дека дел од проблемот е тоа што книгите создаваат чувство, во очите на учениците, за тоа што е нормално во општеството.

Ученикот треба да прочита повеќе од 32 илјади страници од учебниците, од основното до високото образование, покажува едно истражување. Околу 75% од работата на часовите и 90% од домашната се прави преку нив, како и голем дел од предавањата на наставниците.

Иако преку достапноста до интернет и други дигитални ресурси ги проширува можностите за учење, „учебниците остануваат централни, особено во сиромашните земји“, вели Бенаво.

„Кога учебниците прикажуваат многу ограничени очекувања од момчињата и девојчињата во иднината, тогаш учениците се социјализираат во тоа“, вели Џер.

Влијанието кое овие книги го имаат врз размислувањата на децата од целиот свет, веќе било истражено од научен труд.

На пример, израелска студија направена на првоодделенци, покажува дека оние кои биле изложени на еднакво портретирање на мажите и жените, сметале дека повеќето професии биле соодветни и за девојчињата и за момчињата, додека оние кои учеле од родово-пристрасни учебници почесто ги гледале стереотипите како прифатливи.

Исто така, потврдена е поврзаност, во повеќе светски држави, помеѓу лошото портретирање на жени научници во учебниците и нискиот број на запишани девојки во академските области на наука, технологија, инжинерство и математика.

Учениците во Нигерија учат за професиите и занимањата на англиски преку овие илустрации

Знаци на прогрес

Сепак, одреден прогрес е направен во последниве 10 години.

ГЕМ студијата на УНЕСКО покажува дека содржините кои се однесуваат на родовата еднаквост, се зголемиле низ светот, со се почести референци на правата на жените и родовата дискриминација, особено во учебниците во Европа, Северна Америка и Субсахарска Африка.

Некои од земјите ја шират промената – и веројатно неизненадувачки, Шведска е на врвот во генералните односи кон родот. Некои од националните образовни програми во земјата вклучуваат родово неутрални ликови и заменки, како и порамноправно портретирање на секојдневните животи.

„Доколку видите некој како носи престилка или меша во лонец во шведска книга, голема е веројатноста дека ќе биде маж“, вели професорката Блумберг.

Истражување во Хонг Конг утврдило еднаков број на машки и женски ликови во учебниците на англиски јазик. Додека прогрес има и во Јордан, палестинските територии, Виетнам, Индија, Пакистан, Костарика, Аргентина и Кина.

Подобрената верзија на учебник во Кина прикажува млади момци и девојки како разговараат за економија

Сепак, сеопфатен преглед на учебниците на национално ниво е долг и скап процес, кој често е жртва на буџетски кратења или бирократски проблеми.

„Некои од промените се површни, додека заложбите на владите не се одржуваат доколку дојде до промена на власта“, вели Бенаво.

Учебник во Бангладеш прикажува жена како игра фудбал, додека во Индија, маж како мие садови

Па, експертите предлагаат алтернативни методи за да се направи рамнотежа со лошите текстови во училниците.

Обиди имало во Индија и Малави да се предизвикаат учениците да забележуваат родова пристрасност и да дискутираат за стереотипите преку групни дискусии.

„Проблемот може да се надомести преку ставање посебно внимание на него од учениците, кои уживаат во „детективската работа“. Сепак, ние најпрвин треба да ги обучиме наставниците и најпосле треба да ги напишеме одново овие книги, доколку сакаме подобро образование“, смета Бумберг.

Учебник од Виетнам – пред и после

Автор: Валерија Перасо за ББЦ