Секој денар во ран детски развој враќа до осум денари назад во општеството

„Кога ги земате децата од градинките, добивате одговор – вашето дете беше добро… јадеше и спиеше. Добивате податоци за негата, но многу малку за образованието“, констатираше професорка од Педагошкиот факултет во Битола, при дискусијата на вториот ден од конференцијата на УНИЦЕФ, на која се разговараше за важноста на квалитетното образование во раното детство.

Говорниците потенцираа дека интервенциите во раниот детски развој имаат далеку поголемо влијание, отколку евентуални интервенции во подоцнежната возраст. Но, освен образовните и општествените придобивки за државата, тоа е и економски исплатливо. Истражувањата покажуваат дека секој вложен денар во раниот детски развој враќа помеѓу четири и осум денари назад во општеството.

Во Македонија системот на предучилишно образование е систематски рушен, изјави Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, додавајќи дека новата влада затекнала низок опфат на населението со предучилишно образование, лоши услови во процесот на лиценцирање и две илјади вработени помалку во овој сектор.

„Она што го начекавме во Министерството е давање на лиценци со правење услуга, на некој кој нема законски основ за тоа. Веројатно сте свесни дека практичниот испит се полага на компјутер. Кој е тој професионалец кој може да помине испит за работа со деца, ако никогаш претходно не се соочи со дете? Затоа велам дека сме го рушеле системот, а не сме го граделе“, рече Царовска.

Таа додаде и дека без грижа за воспитувачот, не може да се очекува нивна соодветна грижа за децата, потенцирајќи дека инвестициите во раниот детски развој се поставени како висок приоритет на Владата.

„Затоа одиме со 200 вработувања во 2018 година. Во моментов работиме на промена во начинот на лиценцирање, а исто така заедно со УНИЦЕФ и Светска Банка треба да се усогласиме како ние ќе воспоставиме систем на менторирање и следење на воспитувачите во градинките. Едно е да поставиме литература и опрема во градинките и таа никогаш да не се користи, но, поважно е да поттикнеме воспитувачите да ја користат, затоа што само така си правиме услуга на целото општество“, рече Царовска.

И самите воспитувачи од македонските градинки сметаат дека процесот на лиценцирање немал голем ефект во нивниот професионален развој. Ова е еден од податоците од истражувањето спроведено од професорките Лена Дамовска и Алма Тасевска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на УКИМ, за кое рекоа дека е поттикнато од клучното прашање – „Какви сакаме да бидат нашите деца“.

Интервјуираните воспитувачи дополнително посочиле и дека ретко посетуваат обуки, а мнозинството од нив сметаат и дека не постои меганизам за контрола на нивниот професионален развој.

Фокусот на професорките е системско регулирање на професионалниот развој на воспитувачите, како креатори на имиџот за детето и детството во Македонија.

„Воспитувачите приматот го ставаат на пристапот до учење. Тоа само уште еднаш покажува дека процесот на учење и процесот на образование во Македонија е ставен некаде во позадина, наспроти процесот на воспитание и социјализација и дека сè уште треба да работиме на идејата дека секое дете може да учи од најмала возраст, а сето тоа да биде имплементирано во нашата редовна пракса“, рече Тасевска.

И покрај позитивните импулси од институциите и невладиниот сектор, Дамовска посочува дека во моментов, она што е инфилтрирано во детските градинки, даваат мала надеж дека можеме да очекуваме квалитет.

„Во однос на опфатот верувам дека битката ќе ја добиваме во наредниот период, но што со квалитетот на изведбениот процес и воспитно-образовната работа? Промена на перцепцијата на предучилишното образование во земјава, не нивно стигматизирање и третирање на градинките како на чувалиште на деца, туку многу повеќе од тоа – како ресурсни центри кои даваат поддршка на децата, родителите и на сите оние кои непосредно имаат влијание во развојот на децата“, изјави Дамовска.

Заложбите на Европската Унија се до 2020 година најмалку 95% од децата на возраст помеѓу 3 и 6 години да се вклучат во системот на предучилишно образование. Приоритетот на оваа политика е ставен бидејќи раниот детски развој е најголем двигател на долгорочниот општествен, демократски и економски развој, посочи претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс.

Бенџамин Перкс при вчерашното обраќање на конференцијата

И меѓународните тестирања покажуваат дека децата кои не биле вклучени во предучилишно образование постигале полоши резултати. Според Перкс, не постои поисплатлива инвестиција која една влада може да ја направи од вложување во предучилишно образование.

„Кога гледаме недоволно искористени учители, лошо искористен простор, лош дизајн на градинките, висока концентрација во урбаните, на сметка на руралните средини, висока концентрација на богатите, на сметка на најсиромашните, забележуваме дека целиот менаџмент на предучилишниот систем не бил придвижуван од прашањето – како да постигнеме оптимално социјално, емоционално и когнитивно развивање за најголемиот дел деца од 3 до 6 години. Немаше чиста визија по ова прашање и мислам дека сега одиме во тој правец и таму треба да ја насочиме целата наша енергија и страст“, рече Перкс.

За важноста од вложувањето во предучилишното образование зборуваше и Анџелика Понгута, од Медицински факултет при Универзитетот Јејл во САД. Таа напомена дека раниот детски развој е камен темелник за одржкив развој, а презентираше и значајни иновации за мерењето на квалитетот на квалитетот на предучилишното образование.

„Ова е прашање на еднаквост. Децата во руралните средини заслужуваат идентичен квалитет како и останатите деца. Истовремено само достапноста до предучилишно образование не е доволно, мора да се размислува и за услугата. Не само да се има убава зграда и многу предмети, туку да внимаваме на она што се случува со нашите деца, какво е нивното искуство со другарчињата и со воспитувачите, бидејќи на крајот на денот тоа е единствено важно“, рече Понгута.

Од говорот на Анџелика Понгута на конференцијата

Според податоците кои беа презентирани, само 39% од децата во Македонија на возраст од 3 до 6 години се запишани во градинки, додека во Европската Унија просекот е 92%. Според сите анализи, тој тренд во иднина само ќе го продлабочува еконономскиот јаз помеѓу земјите од ЕУ и Македонија. Од УНИЦЕФ посочија дека Дополнително загрижува големата разлика помеѓу богатите и сиромашните семејства кои ги праќаат децата во предучилишни установи, како и разликата меѓу руралните и урбаните средини.

За постигање на целта за универзално предучилишно образование во Македонија, според проценките, во предучилишен процес треба да се вклучат уште 34 илјади деца на таа возраст. Од УНИЦЕФ веруваат дека тоа може да се постигне во период од 5 до 6 години преку рационална употреба на воспитувачите, пренамена на напуштени училишта во центри за ран детски развој, како и преку евентуално покачување на сумата за градинки за бесплатна тричасовна програма за предучилишно образование на национално ниво.

Даниел Евросимоски

*Текстот е напишан во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.