Реторички или Студентски Прашања?

Академскиот живот на еден студент секогаш започнува и завршува со посета на институцијата – студентски прашања. Добра компарација за тоа што се Студентските прашања би била споредбата со одделенскиот раководител од средно – треба да ве информира за се и тоа претставува единствено место каде може да се обратите за каков било проблем. Но, сите не се запознаени со работата и задолженијата на студентските прашања, но сите се свесни за огромната помош која студентските прашања треба да ја претставуваат во текот на студирањето. Зошто тогаш самите студенти Студентските прашања ги нарекле Реторички Прашања?

Реторички или Студентски Прашања?“А информираат ли тие? Постојано чекаме на нивното „добар ден“, затоа доколку се погоди денот на вработените на студентски да им е лош, големи се шансите и вашиот ден да стане еднакво лош”, вели студент на Правниот Факултет “Јустинијан I”.

Изјавите на студентите можат да одат до бесконечност. Сите имаат сопствени искуства и приказни. Но, во секоја приказна постојат две страни, а втората страна на овој проблем се крие зад вратите на Студентските прашања, зад шалтерите, кај вработените. Фактот што сега е почеток на академската година зборува за големите редици за заверувања на семестри и пријави во просториите на Студентските прашања. Поради ова, добивме кратки одговори од вработените на оваа институција.

“Студентите знаат да препрашуваат постојано за една иста работа, но ние сме доволно трпеливи да им одговориме со информациите кои ги поседуваме”, вели вработен на Студентски прашања.

И студентите на другите државни факултети би се согласиле дека е потребна промена на Студентските прашања -студентите да се чувствуваат слободни да прашуваат и да се информираат. Сепак, кај нас изгледа се уште владее системот на нељубезност и неиформираност. Студентите знаат да ги споредат студентските прашања со реторички бидејќи, како што велат, „сами прашуваме и сами си одговараме“. Тоа што ќе го олесни секое студирање е начинот на кој некој се обраќа кон еден студент. Оваа институција можеби е првата од таков вид со која еден студент се среќава и треба да биде претходник на сите понатамошни слични административни и информативни делови од животот, затоа се претпоставува дека таа треба да се одликува со ефикасност и информираност.

Анамарија Велиновска

Текстот е напишан во рамките на работилницата посветена на студентскиот стандард, која ја организира Радио МОФ од 27 до 29 септември годинава.