[Рецензија] „Whiplash“: прецизност, тензија, филмско уживање

Џезот има важна и силна, емотивно ангажирана улога во изградбата на моите музички вкусови. Опкружен со постари од мене: брат, сестра и неколку блиски братучеди, во детството ми беше пишано да примам нивни влијанија во изборот на музика која ќе ја заслушам и засакам. Во семејството се вртеа црнечки музики. Многу соул. И фанк и диско. И доста џез.

Во втора средно, наспроти крајно различните афинитети на мнозинството врсници, кои или ги обожаваа предвидливите рифови на тогаш веќе полураспаднатите Guns N’ Roses или слушаа штанцани шеќерни поптралалајки, мене ме возбудуваше џезот.

По некое време посакав, а една многу фина госпоѓа, новинарка, тогаш и директорка на сега покојното државно Радио Тетово, ми дозволи да имам неделна емисија за џезот. Ја насловив прилично неинвентивно – „Џез неделник“. Секој вторник една есен (не ме фаќајте за збор околу денот, ова сепак беше пред дваесетина години), на 93.5 мегахерци (ФМ), од мемливото студио сместено во една стара зграда во тетовската Горна чаршија, им пуштав џез на незаинтересираните сограѓани.  Тоа беше еден прилично сестран избор од помодерната историја на овој богат правец – од гитарските бравури на Stanley Jordan и George Benson, благо пискавиот алт-саксофон на Paul Desmond и сложените, волшебни клавирски линии на Dave Brubeck, до грозничавите, но чудно привлечни дувачки егзибиции на John Coltrane.

Оттогаш, вкусовите за музика ми фатија некои други патишта и други правци, но џезот секогаш ми остана плитко подзакопан во чувствата, за да ме „пецне“ кога ќе го слушнам во секундата кога менувам ТВ-канали, за одвреме-навреме да ме повлече да кликнам на линк постиран од некој Фејсбук френд. И вчера, како онаа есен во ’95-та, беше вторник. Го гледав оној филм за кој сите велат дека е „за џезот“.

[Рецензија] „Whiplash“: прецизност, тензија, филмско уживање

Whiplash“! Пред  да го гледам, никогаш не бев слушнал за неговиот режисер и сценарист, Damien Chazelle. Сега, не само што знам за него, туку сум убеден дека ќе ги гледам сите филмови што ќе ги направи. Овој дипломец на Харвард пред две недели наполнил 30 години. Филмот, кој е негов втор, го снимил според сопствените искуства – и тој имал музички амбиции, а налетал на многу строг учител. По само неколку минути во скоро празната сала на „Милениум“, ми беше јасно дека овој филм вредело да се види – не поради фамата, наградите и номинациите, не поради џезот.  Само поради она ретко, специфично, единствено чувство на восхит што ве обзема кога ќе наидете на вистинско мајсторско дело –  неважно дали тоа е Моцартова соната, парче накит од рацете на вешт кујунџија или некој грижливо стокмен кулинарски потфат на врвен светски готвач.

[Рецензија] „Whiplash“: прецизност, тензија, филмско уживање

„Whiplash“ мириса на вакво мајсторство, речиси потполно доследно, во секој негов обмислен кадар. Наспроти критиките на „тврдите“ џез-фанови, кои му замерија на режисерот дека погрешно ја претставува „нивната“ музика и наспроти општата перцепција, ова не е филм „за џезот“. Музиката е присутна само како соодветен фон за една конкретна, лична драма. Во филмот нема ништо спектакуларно – нема никаква досега нечуена приказна, нема потреба од атрактивни, остри пресврти во дејството . Во „Whiplash“, всушност, и нема ништо посебно, освен начинот на кој филмот е раскажан, снимен и претворен во блескава, но ненаметлива уметничка стварност.

Младиот Andrew (Miles Teller) учи за џез тапанар на елитен конзерваториум во Њујорк. Во неговиот сон да стане „еден од големите“  му се испречува (или му помага) ценетиот, но не многу сакан професор Terrence Fletcher  (извонредниот J.K. Simmons, номиниран за „Оскар“ за најдобра споредна улога за ова остварување). Тој е бескрупулозен перфекционист кој не се задоволува со ништо освен совршенство кај неговите студенти. Andrew е подготвен да вложи сè и да се откаже од сè што мисли дека му пречи да им се придружи на своите идоли меѓу џез-великаните. Професорот Fletcher нема да дозволи никој да ja поткопа неговата крута филозофија за џезот и неговите беспрекорни стандарди. Ликовите се поставени, драмата е пред нас, нејзиниот исход е неизвесен, а како што ќе се увериме, и пријатно неочекуван.

„Whiplash“ зборува за фанатичната посветеност на човекот и уметникот, за шансите што ги дава животот, за тоа како тие се искористуваат или се пропуштаат. За себеостварувањето и разочарувањето, за амбицијата и притисоците, соочувањето со можноста таа да се оствари или да пропадне. Ретко кој американски филм во последните години ги поставил овие познати драмски дилеми и контрасти толку цврсто, а елегантно, со таква динамика и занаетско умеење, како што тоа го прави овој филм. „Whiplash“ e одлично остварување, кое освојува – не толку со свежината и оригиналноста, колку со прецизноста и внимателноста со која е изведено, со талентот кој во него е прикажан и со љубовта која во него е вложена.

Вторникот веќе одамна стана среда, а јас по долго, долго време, цела вечер слушам џез. Не е само носталгија – има нешто во оваа стара црнечка музика која полека, но не и тивко, изумира. Има во неа некоја  дрска, одлучна побуна против шаблоните, против баналното и лесното, против предвидливоста на секојдневието и поразителната обичност. Фала ти, драг Damien Chazelle, што на ова ме потсети.

Жарко Настоски