[Рецензија] „Случајот Хармс“ – Хармс за луѓе кои не го читале Хармс

Театарот, за мене, претставува еден вид на „ментална гимнастика“ преку која чувствувам дека разговарам со режисерот на претставата, која ја гледам на јазик кој го говорат телата и емоциите на актерите. На сцената гледам како медиум преку кој ни се споделуваат идеи и ставови кои не ги земам здраво за готово, и никогаш не се сметам за пасивен гледач во публика. Тука сум, седам, и активно следам што авторот ми раскажува.

„Случајот Хармс“ во режија на Дино Мустафиќ, дел од овогодинешното издание на МОТ, го раскажува животот на рускиот писател Данил Хармс од перспектива поинаква од мојата. По оваа изведба, во продукција на Театар Комедија, сфатив дека дури и биографиите имаат повеќе страни во својата приказна, оставајќи ме со цинична насмевка додека будно следев што ми се сервира.

Ниските страсти и физичката комедија се најниското ниво на комедија, а „Случајот Хармс“ низ целото свое дејствие ја води публиката со примитивни и кловновски техники за громогласна смеа. Имитација на лик е нешто што очекувам да видам на средношколска претстава или испит од прва година на ФДУ, а не на фестивал кој е во своето 41-во издание. Оваа претстава, по квалитет, не ми се совпаѓа во програма со другите претстави кои ги имам посетено на МОТ, и на ова и на претходни изданија.

Играјќи го колажот од делата на Хармс и приказните од неговиот живот раскажани во прво лице еднина, оваа претстава упатува критичност кон луѓето кои размислуваат поинаку од државното уредување, сметајќи ги за кукавици и луди. Можеби влегов со други очекувања, познавајќи го животот на Хармс и неговата книжевна авангардност во своето време. Влегов со мислата дека хармсовиот апсурд во оваа претстава ќе покаже револуционерен прст кон „браникот на татковината“, но очигледно е дека партизираноста е длабоко навлезена во културата која треба да биде автономна и слободна.

Непријатно менував позиции на седиштето додека пред мене во „сино светло“ ги силуваа зборовите на Хармс. Во неколку ситуации ја почувствував и дрскоста и надменоста додека се ковало железното сценарио. Продукцијата не се штедела на зборови кога ги создавала визуелизациите на сценографијата кои се појавуваат во неколкуте етиди за време на претставата. Ниту пак се двоумеле дали да го поистоветат главниот лик со дрвото на знаење од Библијата, чиј плод беше забранет и причина Бог да ги избрка Адам и Ева од Едемската градина. Ваквите аналогии само ја потврдија мојата теза дека за Театарот Комедија, а про по авторитарните режими, зли се сите оние кои не гледаат со исти очи ко нивните.

Мислам дека театарот ми е омилено место за дискутирање на политика, но сакам таа да е искрена, чесна и директна, а не суптилна и скриена во позадината како декорација.

„Хармс за луѓе кои не го читале Хармс“ како да ми стана мантра во 130 минутната интерпретација на Мустафиќ. Но, издржав до крај од љубопитност што е следно и како ќе заврши Данил вечерва. Ако сте ги читале неговите случки, веќе знаете дека тие се возбудливи и смешни на начин кој е уникатен за него. Ненадејните заплети на секојдневни калап ситуации кои ја соголуваат човековата природа ја бараат вината за злобата во систематските грешки, а не во личната перцепција на субјектот за својата позиција во општеството.

Неговата наметната лудост е стишување на неговата карактеристична револуционерност која останува да биде безвременска. Ќе се согласам со Мустафиќ дека Хармс е близок со денешното време, но тој е дијагонално различен од вашата лицемерна репродукција на една генијална апсурдност.

И додека јас од мојата позиција идеализирам за поубави секојдневија, комедијата ги исмева моите мечтаења прикривајќи ја својата трагедија кога ќе се спушти завесата.

Петар Антевски