[Рецензија] Како ја откопав, прифатив и засакав сета моја болка со Ник Кејв

Седам пред мониторот речиси два часа, трудејќи се да напишам нешто за музички концерт. Во позадина оди плејлиста идентична на концертот на Ник Кејв во Белград од пред два дена. Демек, ми треба нешто да ми ги освежи сеќавањата. Но, се пишуваат ли чувства?

Средбата со Ник Кејв и Бед Сидс во саботата ми беше втора. Но, ме оголи, срамни со земја и прероди на начин кој направи да се чувствувам дека сè после тоа правам за прв пат.

Прв пат го слушав во 2013, на Егзит. Тогаш бев помлада, посреќна и наивна. Не ме мачеа Сизифовите маки, ништожноста на постоењето и опседнатоста со егзистенцијалниот нихилизам која ја спознав во последниве година-две. Уживав во музиката, и тоа беше тоа.

Денес не сум истата среќна и наивна тинејџерка. Животот ми е, би се рекло, полн со благодети. Сите материјални вредности и тривијалности се тука, луѓето кои најмногу ги сакам се здрави и живи, и не смеам да се жалам. Но, тоа не треба да значи дека и јас сум среќна.

Во саботата, секоја клетка од моето тело беше воспалена. Отворена. Станав кршлива и плачев, и тоа беше во ред. Си дозволив да бидам немоќна и гола. Ако Ник Кејв може да ја отпее својата душа и тага после огромна лична трагедија, зошто јас не можам да дозволам да плачам пред некого? Ако тој може да се скршува и повторно исправа пред 15.000 луѓе, два-три пати неделно, да биде средство кое канализира болка и од неа претвора радост за толку многу луѓе, зошто мене треба да ми биде срам да кажам дека нешто во мене е болно? Зошто моето психичко здравје треба да биде занемарено, и тоа од мене самата?

Ако го отворивте текстов очекувајќи да прочитате рецензија за музика, жалам. Ќе најдевте уште еден сувопарен текст за тоа колку технички точно и со емоција свират The Bad Seeds. Но, тоа не е изненадување за бенд кој во речиси ист состав постои од 1985, зарем не? Ќе кажев дека Ник Кејв не е Ник Кејв без Ворен Елис, а Ворен Елис не е човек, туку е битие со виолина како трет екстремитет. Ќе спомнев нешто и за репертоарот, кој несомнено е добар, кога го пишувал Ник. Не, иако е тешко, ќе пишувам за чувствата. Особено за чувството да се биде разбран, допрен и достоен со својата болка.

Николас Кејв не е само човек, уметник, икона или некој друг клишеизиран епитет со кој ги етикетираме најдобрите музичари кои преживеале генерации и генерации нова музика. Тој е некој вид на спиритуелно битие, спроводник на најтемните, најтажните и најскриени атоми кои ги чуваме длабоко во себе. Успева да ги ископа, да ја затвори живата рана, да ти ги избрише солзите и да ти стави насмевка на крај. Бидејќи не си сам.

Skeleton Tree е албум напишан од и за болката. За стравот од смртта, но и стравот да се живее. Албум кој значајно се разликува од сè што Кејв досега напишал – тивок е, неартикулиран, речиси и нема тапани, а музиката зависи во целост од сирова, гола емоција. Многумина не го разбираат и ми кажале дека не го слушаат бидејќи им е празен. Јас не го слушам бидејќи ме боли. А, ако мене ме боли да го слушам, замислете колку му е нему болно да го изведува.

Сепак, Ник Кејв го отпеа речиси целиот албум. Повторно оживуваше на сцената. Неуморен пееше, играше, шетајќи лево-десно на сцената во некоја музичка катарза ги хипнотизираше сите пред себе. Од Magneto, Jesus Alone и Girl in Amber, до попознатите и постари хитови како The Ship Song, From Her to Eternity и Red Right Hand, еклектичната ретроспектива на неговата кариера ја замаја публиката во колективна молитва. За некој толку ригиден и затворен за духовност како мене, да се биде кршлив со толку многу луѓе кои го делат истото чувство во истото време, е единствено и тешко искуство. Но, овој концерт го доживеав како некое прочистување, миење и палење на ѓубрето за да се почне одново.

Ник Кејв изгуби син пред две години. Трагедијата доведе до албумот Skeleton Tree и документарниот филм One More Time with Feeling (кој уште не можам да го изгледам). Сета болка, негова и на неговото семејство, е спакувана во осум песни кои Кејв ги пренесува со таков сиров, треперлив глас и болка, што ти е срам да мислиш на тривијалните проблеми. Твојата плата, изглед, телефонот што кочи и испуштениот автобус се само прескокнување на лентата која ќе продолжи да врти. Ти си тука и животот тече. А, Skeleton Tree постои само за да ти помогне да се носиш со нечие отсуство и сознанието дека смртта ќе дојде.

Можеби овој концерт за мене се случи во лошо (но сепак точно!) време. Можеби од сите луѓе таму, на малкумина им било така. Но, каде и да се свртиш, во публиката имаше искривени насмевки, замаглени погледи, размачкана маскара и мажи наведнати за да не им се гледаат солзите во очите. Сите знаеја иста вистина.

Без разлика дали течеа хомогени солзи, или сите грла ги пееја The Ship Song и Into My Arms во понежните и пољубовни делови од концертот, овој концерт беше првиот и единствен на кој сум почувствувала такво единство. Никој досега не направил да се чувствувам дека толку многу припаѓам.

Кејв е познат по неговата интеракција со публиката, по тоа што не бега од допирите на странците кои го гледаат како самиот Бог да дошол меѓу нив. На една девојка ѝ го зеде Ајфонот додека нападно го снимаше на пет сантиметри од него, друга ја држеше за рака и ја гледаше во очи, поинтензивен поглед мислам дека не сум видела. Делеше автограми и праќаше бакнежи по воздух, ја избриша солзата кога некој му викна, „Don’t cry Nick. We love you“. На крај, се симна меѓу публиката, се искачи среде Комбанк Арена, и сосема ноншалантно и месијански ги допираше почестените кои се најдоа во негова близина. Weeping Song и Stagger Lee ги отпеа со 50-тина луѓе од публиката на сцена. А, емоционалното патување низ неколкуте слоеви на мојата свест заврши со Push The Sky Away, веројатно најсовршената песна за таков совршен ден.

Пеејќи „Can you feel my heart beat, boom boom boom?“, со десетина непознати дланки на неговите гради, мислам дека направи навистина да почувствуваме како чука неговото срце и да земеме барем дел од неговата болка. И чудното е што, мило ми е што ја почувствував. На крајот од денот, подобро е да се чувствува болка, отколку ништо. А за сите чувства кои мислев дека сум ги изгубила, но повторно ги најдов, ти благодарам, Ник Кејв.

And if you feel you got everything you came for

If you got everything and you don’t want no more

You’ve gotta just keep on pushing

Push the sky away

Стефанија Тенекеџиева