Реакции од Македонија: Осуда на насилството и солидаризирање со жртвите од „Шарли ебдо“

Осуда за насилството, загриженост за вчерашните настани Париз каде што беа брутално убиени 10 новинари и 2 полицајци,  како и повици за поддршка на слободата на изразувањето денеска упатија повеќе граѓански здруженија, новинарски организации и верски заедници од Македонија.

Исламската верска заедница денеска испрати реакција во која категорично објаснуваат дека насилството не е дел од Исламот, a терористичкиот напад во редакцијата на францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“ за нив претставува акт кој е далеку од принципитe и учењатa на Исламот кои произлегувааа од Светиот Куран.

„Затоа ние жестоко ги осудувамe овие појави и повикуваме сите криминалци, без разлика на боја, националност и религија да бидат изведени пред лицето на правдата, затоа што сме убедени дека не постои религија во светот што ги оправдуваат овие акции и сличните на нив“, се вели во реакцијата на ИВЗ.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија пак изразуваат длабока загриженост за настаните во Франција, а чинот на насилство според нив е напад врз слободата на изразувањето и уметноста, како и критичката мисла.

„Последиците од ваквите напади врз медиумите се далекусежни бидејќи нарушувањето на нивната безбедност и слобода во информирањето се начин за спречување на слободното изразување во било која форма, преку збор или слика. Овој вид на свирепо насилсто нема оправдување, исто како што човечкиот живот и слобода на изразување немаат цена“, посочуваат од Хелсиншки.

Од Комитетот повикуваат ваквиот чин на насилство да биде третиран како чин на индивидуалци, а не како чин сторен од страна на колектив кој и припаѓа на одредена религија.

Во соопштението испратено до медиумите, Здружението на новинарите на Македонија ја осудува егзекуцијата на новинарите и изразува сочувство до семејствата на настраданите.

„Овој кукавички чин не е само напад врз слободата на медиумите, туку е напад и врз цивилизациските вредности на слободниот свет. Насилството во никој случај не смее да се толерира, а злосторниците мора најостро да се казнуваат. Екстремистите и терористите мора да се поразат во име на слободата, мирот и разбирањето меѓу цивилизациите,“ се наведува во соопштението на ЗНМ.

Силни реакции на осуда за нападот во Париз стигнаа и од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, од Цивил – Центарот за слобода, од повеќе македонски медиуми, но и од Македонската асоцијација на новинари (МАН).

Писмо со сочувство до својот француски колега Франсоа Оланд денеска прати претседателот Ѓорге Иванов, додека премиерот Никола Груевски упати телеграма до премиерот на Франција, Мануел Валс во која го осудува вчерашниот терористички чин.

Денес е прогласен ден на национална жалост во Франција и во дипломатските претставништва на земјата низ светот. Во Амбасадата на Франција во Скопје беше отворена книга на жалост во помен на 12-мината загинати во нападот на францускиот сатиричен весник.

Тројца вооружени маскирани напаѓачи вчера упадаа во редакцијата на францускиот сатиричен весник „Шарли ебдо“ познат по карикатурите на исламските лидери. Во нападот загинаа 10 новинари меѓу кои и главниот уредник на весникот Стефан Шабоније (47), карикатуристот Жан Кабу (76) и цртачите Жорж Вилинск (80) и Бернард Верлак Тинију (58).