Првенците на генерација на Фармацевтски: Лекот чини малку, но кој да го најде…

Тие се млади истражувачи, годинашни првенци на генерација на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Душко Шалабалија од Скопје и Александра Зафировска од Куманово студиите ги завршија со еднаков просек (9.75). Велат љубовта кон хемијата била пресудна да се определат за оваа професија. Александра отсекогаш ја привлекувале експерименти и исчекување на резултатите, Душко во основно првпат се пријавил за натпревар по овој предмет. Сепак, напомнуваат, фармацијата вклучува и други медицински и природни науки.

За континуираниот одличен успех на студиите беа и стипендирани од Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Сега им претстои истражувачка мисија која може да ја унапреди терапијата и да го подобри квалитетот на животот на пациентите. За нивните планови и предизвици во оваа наука разговаравме во лабораторија на Институтот за фармацевтска технологија – во нивниот амбиент: меѓу шишенца и епрувети и супстанции со различни мириси и бои.

Откако ги завршивте студиите, каде ќе се насочите понатаму – истражување во развој на лекови, токсиколошка хемија, козметички препарати…?

Душко: Моето идно работно место ќе биде во секторот на истражување и развој во компанијата „Алкалоид“. Тоа е нешто што ме исполнува и со кое веќе две и пол години се занимавам волонтерски овде, на Институтот за фармацевтска технологија при Фармацевтскиот факултет. Сакам да истражувам, да експериментирам, да креирам а, верувајте, задоволството е непроценливо кога ќе ги добиете саканите резултати при развојот на некоја нова формулација.

Александра: Цели пет години копнееш да дојде денот кога конечно ќе завршат „студентските маки“, за одново да се најдеш пред лавиринт во кој се влегува на многу врати, а се излегува само на една. Јас лесно се одлучувам по кој пат да тргнам. Уште од малечка си замислував дека кога ќе пораснам ќе пронајдам лек за некоја неизлечива болест и ќе спасам многу човечки животи, па оттука – истражување и развој на лекови би било совршено научно поле на кое би сакала да го посветам моето знаење и труд.

Сон на секој хуман фармацевт, веројатно, е да открие формула што ќе спасува животи. Според вас, која област од медицината е најнеистражена и најголем предизвик за таков пронајдок?

Александра: Заболувања кои комплетно се излекуваат се само некои бактериски инфекции. Сите останати се или во групата на хронични болести, кои се држат под контрола со соодветни медикаменти; или во групата на неизлечиви болести, каде што фармацијата придонесува само во пролонгирање на неизбежното, и тоа на релативно краток период. Постојат многу неразјаснети догми за појавата на канцерот – медицинската фела верува дека откривањето на предизвикувачот ќе ги доведе фармацевтите до епохален пронајдок – лек за канцер, спас и утеха за многумина. Звучи совршено, но не е. На пример, знаеме дека СИДА-та е предизвикана од ХИВ вирусот, но и за неа сѐ уште нема лек. Фармацевтите треба со здружени сили со лекарите, хемичарите и биолозите да ги продлабочат истражувањата токму во овие области.

Душко: Објективно, можеби најинтересна сфера од медицината и фармацијата е молекуларната биологија и генетика, во која се истражуваат и се детерминираат клучните гени за појавата на некое заболување и следствено на тоа понатаму се тежнее за воспоставување генска терапија. За мене лично, најинтересно е креирањето паметни системи за насочена испорака на лековитата супстанција на местото каде што е потребно да делува, и тоа на контролиран начин.

Што сметате дека е најголемата предност за вашите колеги од развиените земји кога се работи за следењето на новитетите во оваа наука и нивната примена, споредено со условите што ги имате овде?

Душко: Ресурсите и финансиите, дефинитивно. Изминативе две години имав прилика да се соочам со фактот што значи кога сакаш некое истражување да го спроведеш до крај, а мораш да паузираш и до три месеци за да се поправи некоја машина или, пак, да стигнат од странство нарачаните суровини. Ова беше надополнето со многу импровизации поради недостатоци на средства за набавување на потребните материјали и уште низа други проблеми. Се разбира, ова се темели на моето досегашно искуство како млад истражувач. Но секако, ако сака да се успее нема откажување, се бараат алтернативи, се бориш, и успехот е неминовен. Јас и мојата колешка Љубица Цамбулева сме имале пријатни искуства на меѓународни конгреси кога сме се претставувале со сопствени истражувања, затоа што овој потежок начин на функционирање нè научил буквално на сите детали и сме го опфатиле буквално секој чекор – од предформулација до анализа на формулацијата. Така што, за сè си постои и позитивна и негативна страна.

Александра: Голем недостаток е немањето стручни книги на мајчин јазик. На македонски има неколку интерни скрипти, преводи од странски автори, со многу мал удел на наши автори, па студентите, барем пољубопитните, се принудени да консултираат стручна литература од интернет. Ја разбирам потребата од следењето на технолошките изуми, но ништо не може да ги замени страниците од книгите. Друга предност за нив е што располагаат со современа апаратура и технологија и за време на студиите се обучени правилно да ракуваат за утре да можат од старт да работат. Кај нас и тие апарати што ги имаме служат само за демонстрирање и набљудување. Трета предност е тоа што странските студенти многу повеќе работат индивидуално и имаат повеќе пракса во текот на студирањето, за разлика од групното работење кај нас. Овде сè се сведува на теоретско знаење, додека праксата треба да се стекне по дипломирањето.

Ова е благородна наука, но и моќна индустрија. Го наоѓа лекот или го сокрива заради поголем профит. Како гледате вие на овие спротивставени ставови во светот во однос на етиката во фармацијата?

Александра: За жал, фармацевтската дејност е меч со две острици. Денес парите го вртат светот и станува неважно како се доаѓа до целта. Водена од мислата „здравјето нема цена“, оваа индустрија релативно брзо и постојано пласира нови производи „искористувајќи“ ги луѓето што се во незавидна положба. Голем број препарати ширум светот се недоволно испитани, а се лек за сите болести. Тука е и трендот на декларирање производи како додатоци во исхрана или ОТЦ препарати, кои многу полесно се пуштаат во промет, бидејќи ги заобиколуваат контролите и регулативите кои се строги и прецизни за конвенционалните лекови. Луѓето сè повеќе бараат алтернативни начини на лекување. Тука треба да настапиме ние, фармацевтите од поновите генерации, и да се обидеме да ја вратиме довербата на народот во фармацијата и медицината.

Душко: Кај нас луѓето веруваат на сè што некој напишал на форум или на научно неиздржан сајт. Не можам да тврдам или, пак, да не тврдам дали на глобално ниво постојат манипулации во однос на профитот, но лекот за СИДА, рак итн., воопшто не е лесно да се открие, грубо кажано. Да се открие една формула која ќе делува врз овие патогени организми и клетки е неизмерно тешко и, дури и да се открие во еден момент, во другиот момент повеќе не делува како резултат на стекнување резистентност, генетски фактори итн. Така што, наша цел како здравствени професионалци е постојано да се трудиме и во секој момент да сме подготвени да делуваме за добробитот на пациентите.

МИА