#ПротестирамСАД: Осуда за оркестрираниот упад во Собранието, Македонија да остане на патот на демократските промени

#ПротестирамСАД, во името на широка група демократски ориентирани иселеници објави соопштение до јавноста со загриженост за настаните во Република Македонија по насилниот и оркестриран упад во Собранието и загрозувањето на безбедноста и животите на пратеницитe што се случи на 27 април 2017 година.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Со индигнација го отфрламе попречување на избраниот претседател на Собранието на Република Македонија Талат Џафери во преземање на должноста и извршување на задачите и должностите согласно Уставот на Република Македонија.

Најостро го осудуваме нападот врз парламентарниот дом и насилството врз народните избраници и присутните новинари. Очекуваме од правосудниот систем и другите надлежни институции најитно да ги откријат и да преземат соодветни законски мерки против сторителите, поттикнувачите и организаторите на овие настани. Во исто време, заедно со сета македонска јавност, бараме одговори за причините за затајувањето на службите за безбедност, пред се на полицијата, за време на овие настани, како и соодветна одговорност.

Очекуваме Република Македонија да остане на патот на демократските промени, што ќе резултира со формирање на нова влада на Република Македонија, изразена според мнозинската волја на граѓаните на изборите од 11 декември 2016 година. Се надеваме дека овој процес ќе биде направен по мирен пат, како што соодвествува на демократска држава. Со изборот на господинот Талат Џафери за претседател на Собранието се отвора пат за формирање влада и изнаоѓање решенија за почеток на разрешувањето на долготрајната политичка и институционална криза во Македонија.

Очекуваме парламентарното мнозинство да формира влада во најкус можен рок и да овозможи функционирање на институциите и владините служби и да обезбеди целосна безбедност и сигурност на граѓаните на Република Македонија. Се надеваме дека партиите од парламентарното малцинство ќе покажат висока свест за моментот во кој се наоѓа државата и ќе овозможат мирен трансфер на власта.

Повикуваме на смиреност, разум и почит на законите и демократските принципи. Ја изразуваме нашата почит кон граѓаните на Република Македонија кои покажаа исклучителна зрелост и воздржаност во критичните моменти од минатата недела. Oчекуваме дека ќе биде така и во деновите и неделите што претстојат, а и понатаму, за да не се дозволи нарушување на мирот, безбедноста и меѓуетничките односи во државата.

Се надеваме дека Македонија ќе излезе посилна од оваа тешка криза и ќе има можност да се фокусира на она што е од исклучителна важност – создавање на подобри услови за живот на сите македонски граѓани, враќање на патот на демократските реформи и целосна интеграција на Македонија во евро-атланските структури и организации. Посебно го поздравуваме ангажирањето на меѓународната заедница, особено официјалните претставници на САД, Европската Унија, меѓународните организации и сите пријателски земји во нивните напори за помош на нашата татковина.

Остануваме посветени да работиме заедно со сите демократски настроени сограѓани во и надвор од Македонија, за постигнување на овие стратешки цели, за да ја видиме Македонија таму каде што припаѓа – во друштвото на мирољубовиот, напреден и демократски свет!