Примената на нанотехнологијата во борбата за почиста и поздрава средина

Со употреба на иновативни намази со наночестички од титаниум диоксид секоја површина станува самочистечка и истовремено ја прочистува околината. На ова воглавно се темели новата технологија што ја применува германската компанија CCM Gmbh, а чии претставници Бернд Зимерман и Нил Меклеланд ја промовираа за време на вчерашната презентација организирана од компанијата „Оксипро солушнс“ од Скопје.

Тие воедно промовираа и технологија која има иста цел, а тоа е почиста и поздрава средина, но со примена на напредна заштита со таканаречено течно стакло, односно со силициум диоксид.

„Со иновативни решенија што се инспирирани од процесите што се случуваат во природата овие намази со титаниум диоксид ги менуваaт карактеристиките на секоја површина на која е нанесена. На пример, една дрвена маса ако се премачка со нанослој добива нова вредност затоа што станува самочистечка површина што го прочистива и воздухот. За тоа е потребна сончева УВ светлина затоа што се работи за процес на фотокаталитичка деградација со кој загадувачките материи се разложуваат на безопасен начин до вода и јаглерод диоксид. Оваа технологија, која е развиена во Јапонија се применува во многу земји во светот. Се употребува на надворешни и внатрешни површини и уништува честички, азотни оксиди, бактерии, мувла, разни хемикалии во воздухот што делуваат како алергени итн..“, вели Тони Никушевски од „Оксипро солушнс“.

Тој објасни дека намазите со нанотитаниум диоксид имаат практична примена насекаде, во јавни објекти, здравствени установи, образовни институции, во објекти за колективно и индивидуално домување и на јавни површини. Додава и дека технологијата се користи и за прочистување на загадена вода која со помош на сончева светлина за кратко време се претвора во чиста вода.

Меклеланд, пак, потенцираше дека употребата на намазите е еколошка, без негативни ефекти по здравјето и околината, а чистењето е лесно, трајно и не користи никакви хемикалии.

„Третираните површини стануваат антибактериски, антивирусни и антифунгични. Производите можете да ги кристите насекаде, дури и на сопствената кожа. На пример, со премачкување на рацете со оваа ампула со нанотитаниум диоксид, моите раце ќе бидат чисти во следните осум часа“, објасни тој.

Беше демонстирано и како се прочистува воздухот од чад од цигари. Поточно, една тегличка премачкана одвнатре со намаз со наночестички од титаниум диоксид беше исполнета со чад и потоа затворена и изложена на сонце. Таа по извесно време беше чиста, а во тегличката немаше трагови од непријатна миризба.

Гостинот од германската компанија објасни и дека технологијата со течно стакло, односно наносилициум диоксид овозможува ултрасилна заштита на површините кои стануваат биостатични, отпорни на температури и удари, лесночистечки и хидрофобни. Овие намази се употребуваат и на каков било текстил кој потоа станува отпорен на вода, масла, прав и слично.