Преку нови давачки за токсичните возила Лондон ќе се справува со загадувањето

Возачите на стари возила кои повеќе го загадуваат воздухот ќе треба да плаќаат речиси двојно повисоки такси за да бидат пуштени да возат во центарот на Лондон. Таксата од дополнителни 10 фунти за загадувањето, инаку воведена од градоначалникот Садик Кан, која се однесува на возила што користат бензин или дизел гориво регистрирани пред 2006 година, стапува во сила утрово. Tаа ќе се плаќа во централната зона на градот, позната како зона на метежот, а овие возила сега ќе треба да плаќаат 21,50 фунти за да бидат пуштени во центарот на градот. Противниците на оваа мерка пак велат дека на овој начин „несразмерно се казнуваат најсиромашните лондонски возачи”.

Оваа мерка е последниот обид на лондонскиот градоначалник да го подобри квалитетот на животот во главниот град, а според неговите пресметки, неа ќе треба да ја платат околу 34 000 возачи месечно.

Говорејќи на БиБиСи, Кан изјави: „Имаме здравствена криза во Лондон предизвикана од слабиот квалитет на воздухот. Грубо кажано, секоја година повеќе од 9.000 лондонски жители умираат предвреме поради слабиот квалитет на воздухот – деца во нашиот град чии бели дробови се неразвиени, возрасни кои страдаат од состојби како што се астма, деменција и мозочни удари.“

Сепак, Симон Биркет, од кампањата група „Clean Air London“, не верува дека овој потег ќе направи доволно.

„Градоначалникот се заложи во својата програма да го врати квалитетот на воздухот во Лондон. Ние сакаме тој да преземе чекори кои се поголеми, посилни и попаметни“.

Градоначалникот Кан пак го опиша воведувањето на „таксите за токсичнот“ како дел од пакет мерки.

Така, од денеска е најавена дополнителната дневна такса од 10 фунти за оние кои ќе возат возила што загадуваат во зоната на метежот во Лондон, покрај веќе постоечката такса од 11.50 фунти, во истата област. Возилата што нема да ги исполнуваат ЕУРО 4 стандардите ќе мора да платат повеќе. Ова ќе важи за автомобили, комбиња, автобуси, камиони, односно повеќето возила регистрирани пред 2006 година веројатно нема да ги задоволат ЕУРО 4 стандардите за нивото на издувни гасови. Таксата ќе се плаќа од понеделник до петок, од 7 до 18 часот.

Оваа давачка е прва од серијата нови такси за загадувањето кои ќе се применуваат во Лондон. Овие мерки треба да бидат заменети во 2020 година со веќе најавените, нови и построги регулативи за ултра-ниска емисија на загадувачите. Кан пак најави консултации за воведување на построгите мерки уште во 2019 година. Ова ќе значи дека дизел автомобилите регистрирани пред септември 2015 година и бензинските автомобили регистрирани пред 2006 година ќе се соочат со дополнителни давачки. Исто така најавено е и проширување на зоната во Лондон каде се плаќа такса за возилата што загадуваат.

Претходно градоначалникот побара нов закон со кој што би се забранило користење и на камините за греење. Горењето на дрвја во градовите во Велика Британија би можело да биде забрането, а би се дозволило користење само на печки со ниска емисија на гасови, доколку биде прифатен предлогот на Кан. Според предлогот, би се формирале 187 зони во Лондон кои би биле зони без емисии каде што горењето на дрвја би било целосно забрането.