Отворен натпреварот Trash for art на Пакомак

Пакомак, со организацијата на наградниот конкурс Trash for art 2016, шеста година по ред сака да ги охрабри уметниците да користат амбалажен отпад во својата уметност и со тоа да ги освестат останатите во врска со отпадот, поттикнувајќи ги на размислување како на креативен начин можат нешто старо и искористено да го претворат во нешто сосема поинакво, ставајќи го отпадот во контекст на уметноста.

Сите креативци, лица со магични раце и вештини за обработка и оваа година може да бидат дел од Trash for art 2016 и да креираат творби од стари гуми, хартија, лименки, пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажи од козметика и средства за чистење, пластични чаши, фолија за пакување, дрвени палети, тетрапак-пакувања, кеси и обвивки, картон и многу друго.

Наградниот конкурс  е отворен за возрасни и за деца што ќе се натпреваруваат во три категории и тоа: градинки, основни училишта и поединци и останати институции.

Како и секоја година, во секоја категорија ќе бидат доделени по три награди. Првопласираниот добива награда од 30.000 денари, второпласираниот 20.000 денари, односно 10.000 за третото место.

„Сакавме да ги поттикнеме учесниците дека со воља, вештини и сосема малку или воопшто никакви вложени финансиски средства може да креираат нешто конкретно, функционално и убаво, а притоа да освојат вредни награди и да го добијат статусот на еколошки-ангажиран уметник“, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.

Повеќе информации за правилата и за критериумите на конкурсот на следниот линк: Trash for art 2016.