Осум илјади градови и села во ЕУ ќе добијат бесплатен јавен интернет

Минатата година, Европската комисија реши да опреми голем број на јавни простори во своите земји членки низ континентот со бесплатен безжичен интернет, што чини 134 милиони долари.

На средба неделава во Брисел, Комисијата објави дека официјално постигнале договор за таканаречената WiFi4EU иницијатива.

Според претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кампањата има за цел да го снабди „секое европско село и секој град со бесплатен безжичен интернет околу главните центри на јавниот живот, до 2020 година“.

Со него е согласен и заменик-претседателот, Андрус Ансип, кој ја води Стратегијата за единствен дигитален пазар, истата иницијатива која вети дека ќе го укине роамингот и ќе воведе нови закони за користење на интернет за европските граѓани кои патуваат во други земји членки.

„Стратегијата за единствен дигитален пазар има за цел да изгради целосно поврзана Европа, каде секој има пристап до висококвалитетни дигитали мрежи“, вели Ансип. „WiFi4EU иницијативата ќе биде прв чекор, но многу повеќе треба да се направи за да се постигне брза конекција низ целата територија на ЕУ – како подобрување на координацијата на спектарот и стимулирањето на инвестиции во мрежи со висок капацитет кои ѝ се потребни на Европа“, заклучува тој.

Според новиот договор, ќе бидат инсталирани  бесплатни WiFi „хотспоти“  во 6000 до 8000 општини низ сите земји членки. Иако правните детали сè уште не се одредени, Комисијата вели дека основната процедура ќе направи да биде многу лесно за општините да аплицираат да бидат дел од иницијативата.

//