„Орка“ за состојбите во „МПМ“: Го продадовме својот удел, во наредните денови ќе се подмират платите

Од компанијата „Орка Холдинг“ АД Скопје стигна соопштение дека со одлука на нивниот Управниот одбор, донесена на 12 декември 2016 година, а спроведена во Централниот регистар на 15 февруари, го продала својот удел во „Графички центар” ДОО Скопје, сопственик на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), по номинална цена.

„Сите обврски кои компанијата ги имаше кон вработените заклучно со 31.12.2016 година се подмирени. Во наредните денови ќе се подмират и обврските кон платите за месец јануари 2017 година“, стои во соопштението на „Орка Холдинг“.

Инаку, ова соопштение доаѓа откако новинарите потврдија дека утре од 10 часот ќе започне штрајкот на редакциите на „Вест“, „Дневник“ и „Утрински Весник“. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) потенцираше дека ваквиот чекор следува по 15 денови откако веќе беше донесена одлука за стапување во штрајк, а меѓувремено од менаџментот на МПМ не била пројавена иницијатива за помирување или надминување на проблемот, односно владее игнорантен однос и барањата на синдикалците не се исполнети.

Истовремено, денеска медиумите информираа дека „Орка Холдинг“ управувана од Јордан Камчев и компанијата „Интернет Инвестмент Груп“ чиј што сопственик е Јана Станисаљева, излегоа од сопственичката структура на „Графички центар ДОО“. Според последните издадени документи од МПМ, како што јави НоваТВ, сега сопственици на МПМ се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“. Компанијата „Телеграф“ иако е дел од основачкиот влог на МПМ, таа истовремено е во сопственост на МПМ. Или, со оглед на тоа дека и „Телеграф“ како сопственик на МПМ е истовремено и поседуван од МПМ, Срѓан Керим е практично единствен сопственик на ова издаваштво. Јана Станисављева останува на позицијата генерален директор на МПМ.