Николовски: Условите во студентските „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ се под секое човечко достоинство

Условите за работа и престој се под секое човечко достоинство, заклучи новиот директор на Студентските домови во Скопје, Дарио Николовски по обиколката на домовите Кузман Јосифовски Питу и Стив Наумов.

„Во Стив Наумов често нема топла вода, голем дел од радијаторите не функционираат, а кровот прокиснува на повеќе места. Хигиената во дворот е на катастрофално ниво, опремата со која работат вработените е стара и нефункционална и има сериозен недостаток од кадар. Студентите особено се жалат на зимскиот период кога е условите за престој се под секое човечко достоинство. Во домот Кузман Јосифовски Питу приоритетна е реконструкцијата на кујната и набавки на нови апарати. Кујната е во лоша состојба, рерните не работат, прокиснува плафонот и има стари апарати кои со години не функционираат, но зафаќаат место. Има недостаток на вработени а условите во соблекувалните и во работниот простор се многу лоши. Од разговорот со студентите може да се заклучи дека најмногу се незадоволни од квалитетот на храната, кое исто беше посочено и од студентите во Стив Наумов“, нотирале од студентските домови во Скопје.

Николовски најави реализација на истражување со студентите кои претстојуваат во домовите, а чиј број е повеќе од 2200. Целта на новото раководство, како што рече тој, е да го слушне мислењето на студентите и нивните приоритети, а потоа согласно тоа да се дефинираат приоритетните активности и да се решаваат најважните проблеми.  За денеска е најавено дека ќе се направи обиколка на домовите „Гоце Делчев“ и „Невена Георгиева Дуња“.