Недоволни и несоодветни услугите за лицата со попречености на локално ниво

Социјалните, здравствените и образовните услуги за семејствата на лица со попреченост на локално ниво се недоволни, со доста недостатоци и најчесто неприспособени. Ова го покажува извештајот „Од закон до реалност“ на Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината Птица – Скопје“, по истражувањето спроведено во три општини низ Македонија – Охрид, Боговиње и Берово.

Истражувањето е направено преку фокус групи, каде низ директните сведоштва на родителите се пренесени условите и проблемите со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост од овие општини.

„Генералниот впечаток е дека, и покрај ретките добри практики на локално ниво, неопходни се сеопфатни системски мерки, поголема сензибилизираност и поорганизиран пристап во трите сектори (образование, социјална и здравствена заштита) со цел вистински да се подобри квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните семејства“, се наведува во извештајот.

Според истражувањето социјалните услуги во многу случаи не се доволни ниту според квантитетот, ниту според квалитетот и тие главно се сведуваат на парични трансфери.

„Она што загрижува во оваа област е и фактот што биолошките и згрижувачките семејства не се наоѓаат во иста положба, кога станува збор за правата  на парична помош. Згрижувачот, покрај надоместоците за згрижување на децата/лицата со попреченост, има право и на парична помош во висина од 8.000 денари и право на пензија, за разлика од биолошките семејства, кои не можат да остварат иста таква поддршка од страна на државата. Тоа го забавува процесот на деинституционализација: недоволната поддршка ги поттикнува биолошките семејства да ги сместуваат лицата со попреченост во институции“, стои во извештајот.

Вклучувањето на лицата со попреченост во образовниот процес, според истражувањето, останува голем предузвик поради недоволната подготвеност на наставниците, недостаток на стручни кадри и немањето поддршка од државните институции, додека во училиштата нема ниту доволно асистивни материјали за различни попречености.

Истражувањето покажува и дека здравствените услуги најчесто се неприспособени за лицата со попреченост. Физичката непристапност на здравствените институции и несоодветниот однос на здравствените работници на локално ниво ги принудуваат родителите да одат до клиничките болници во поголемите градови дури и за мали интервенции.

Извештајот, кој е достапен на македонски и албански јазик, официјално ќе биде промовиран утре во 13 часот во просториите на Општина Охрид, а ќе биде презентиран и во Боговиње и Берово – на 27 февруари и 1 март.

Во извештајот од Здружението најавуваат дека по детектирањето на проблемите ќе пристапат кон јакнење на капацитетите на родителите преку обуки – нивно запознавање со правата кои ги имаат како родители на лице со попреченост, а ќе одржат и обука за  застапување пред медиумите и инистуциите – преку приоретизирање на еден проблем за кој родителите ќе се обидат  да изнајдат решение преку информирање и мобилизирање на медиумите и пошироката заедница.

Крајната цел на проектот е создавање на неформални мрежи на родители во секоја општина од кои ќе се формира работна група составена од родители, претставници на локалните институции и локалната власт, кои понатаму ќе ги детектираат проблемите на локални ниво, ќе ги разгледуваат опциите за нивно решавање и ќе лобираат кај повисоките инстанци.

Истражувањето е дел од проектот „Застапуваме, зајакнуваме, се поврзуваме“, поддржан од „Швајцарската агенција за  развој и соработка“ преку програмата „Цивика мобилитас“.