Неделна пауза од протести, поддршка за Шарената револуција од Амстердам, Њујорк, Виена, Франкфурт

„Соборци и соборки, поминавме уште една недела на улиците низ цела земја, здружени и одлучни во остварувањето на заедничката цел. Наместо утре, со протести продолжуваме во понеделник во 18:00: побројни, покоординирани и со нови сили и енергија. Нема правда, нема мир! ‪#‎Протестирам‬ ‪#‎Protestoj‬“.

Денеска нема да има протести, најави граѓанската иницијатива Протестира. Сепак потсетуваат дека иако и минзтата недела не беше најавен голем протест, повеќе граѓани во 18 часот излегоа на улица и направија повеќе герила акции низ Скопје.

За денеска е најавен протест на Македонците во Холандија, кој ќе се случува во Амстердам.

„Ние Македонците, повеќето љубовни емигранти, но и по некој студент, инжињер, работник и хулиган, повикуваме на протест против корумпираното и криминално здружение кои со години веќе ја гушат слободата, правдата и еднаквоста во Македонија. Загрижени за политичките случувања во Македонија, огорчени од самоволието на режимот, но и охрабрени од масовната мобилизација на илјадници граѓани кои ја започнаа Шарената Револуција, ние даваме целосна поддршка на отпорот и на сите барања на граѓанското движење ‪#‎Протестирам‬“, се вели во најавата.

Вчера пак по втор пат протестираа и Македонците во Њујорк, во знак на поддршка и како солидарност со протестите и Шарената Револуција во земјава. Велат дека протестираат против недемократскиот и корумпиран режим и нелегитмната одлука за аболиција на Претседателот. Истовремено испратија порака до политичкиот естаблишмент дека нивното време помина и сега е дојдено време за едуцирани професионалци кои ќе работат во интерес на Македонија. Додаваат и дека се загрижени за долгогодишната политичката криза и диктаторскиот режим на владеење, поради што целосно ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство и граѓанскиот отпор. 

„Се обоивме шарено за да ја поддржиме Шарената револуција која е спас и темел за една нова, здрава, правична, шарена, мултиетничка, и просперитетна Македонија. Ние во Њујорк се приклучуваме во шарената револуција во Македонија! Доста ни е од сивилото на власта, време е за бои и демократски промени, слободна, демократска и европска Република Македонија! #Протестирам за подобра Македонија, за владеење на правото, за независно судство, за слободни медиуми, за демократска власт, за толеранција на различностите, за граѓанско општество со право на избор!“, велат Македонците од Њујорк.

Поддршка за протестите стигна и од Виена и Франкфурт.

Поддршка за #Протестирам од Виена

Поддршка за #Протестирам од Виена

via GIPHY

Барањата на Протестирам се итно повлекување на одлуката за аболиција, оставка на  Ѓорге Иванов од функцијата Претседател, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО и фрмирање специјално одделение на Кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО. Со протестите се бара и одложување на изборите најавени за 5 јуни, вклучување независни претставници на граѓанското општество при решавање на кризата во процес кој ќе се одвива на територија на Македонија, како и формирање преодна влада која ќе ги имплементира реформите од извештајот на Прибе.