Наставнички пленум бара оценување на уставноста на работата на СОНК

Наставнички Пленум поднесe иницијатива за оценување на уставноста на два спорни члена (13 и 14) од статутот на СОНК, со кои меѓу останатото, ако некој член сака да истапи од СОНК, ќе мора да чека три години по поднесувањето на барањето. Пленумот побара и јавно да се обелоденат и платите на раководството на СОНК, како парите што се трошат за репрезентации.

„Тајноста и нетранспарентноста создаваат недоверба. Во СОНК ниеден член не знае колкави се трошоците за плати за раководните лица, ниту за репрезентација или други трошоци. Освен тоа, начинот на кој СОНК го менаџираше последниот штрајк, пред околу две години, само ја зголеми недовербата кај членството, по што следеа многу исчленувања. Ниеден член настрана од тројцата членови на Надзорниот одбор и нивните тројца заменици не знае колку СОНК троши за плати на претседателот Јаким Неделков и почесниот претседател Дојчин Цветановски. Нуту пак членовите знаат колку пари се трошат за службени ручеци и други потреби“, соопштија од Наставнички пленум.

За претседателот Јаким Неделков, Наставничкиот пленум е неформална група што со лаги сака да придобие членови. Ова го смета за личен атак, а размислува и за кривична пријава за клевета кон пленумот.

„Бидејќи тие прашуваат за трошење на средствата, јас ќе прашам: кој фактор е Наставничкиот пленум СОНК да му дава отчет каде се трошеле средствата. СОНК им дава отчет за секој потрошен денар на оние кои плаќаат членарина“, вели Неделков.