Младинските организации против воведувањето државен испит за студентите

Државниот испит нема да го подобри квалитетот на високото образование и предложената мерка ја нарушува автономијата и независноста на УКИМ, реагираат младинските организации и движења за најавените измени во високото образование, со кои се предвидува државен испит или т.н. екстерно тестирање за студентите.

Младинските организации против воведувањето државен испит за студентите

Реформата ги загрижи младите кои сметаат дека новиот „експеримент“ во образованието ќе падне на грбот на студентите, иако засега е нејасно која е целта на овие тестови.

Според Младински образовен форум (МОФ), недостасува лоцирање на јасен проблем, кој државниот испит  како решение би требало да го отстрани. Тие сметаат дека воведувањето на државниот испит  е во конфликт со уставно загарантираните норми, со член 44 и 46 од Уставот на РМ, односно правото на образование и загарантираната автономија на универзитетите.

–          Она што загрижува е фактот што санкцијата за евентуално лош квалитет на високото образование ќе падне единствено врз студентот. Оваа мерка не ги зема во предвид другите околности кои може да придонесат за лошиот квалитет на образование, туку како единствена причина ја претпоставува недоволната желба или способност на студентот да го совлада материјалот. Дополнително, студентот трпи и финансиски загуби, доколку го изгуби правото да го заврши своето високо образование, се вели во соопштението на МОФ.

Со измените на Законот за високо образование од 2011-та година се предвидува надворешна евалуација во процесот на проценка на знаења на студентите во прв и втор циклус студии. Според оваа младинска организација, моделот предложен од страна на МОН не соодветствува со она што е предвидено во член 113 од Законот за високо образование, пред се во делот на ограничување на правото на студии за студентите. Дополнително, МОН не појаснува кое ќе биде надлежното тело за спроведување на овој процес.

Предложените реформи предизвикаа слична реакција и кај неформалното студентско движење „Слободен Индекс“. Според Бојан Матовски од ова движење, нарушувањето на автономијата и независноста на УКИМ е забележана многупати до сега, но никогаш во ваква јасно изразена форма.

–          Секој факултет си има свое управувачко тело, лица одговорни за сите работи коишто се вршат на факултетот, како и професори кои ги оценуваат студентите според нивните критериуми. Тие професори се здобиле со своето звање преку јасно дефинирана процедура, а со тоа што таа процедура е дефинирана и со закони, значи дека овозможувањето на тоа лице да биде професор не поминало без „амин“ на државата. Ваквото додатно, екстерно испитување, го дискредитира звањето на секој професор на државните универзитети, бидејќи неговото стручно мислење станува ирелевантно, вели Матовски за Радио МОФ.

Воведувањето на екстерно тестирање, според „Слободен Индекс“ ќе претставува демонстрација на недоверба во сопствениот систем кој самите политичари го имаат поставено, но претставува и уништување на слободата на студентите да студираат подолго време од било какви причини.

Идеите за вакви нелогични измени во Законот за високо образование не се изненадување, особено не по последните и претпоследните измени на Законот, во 2013 и 2011 година, со кој церемонијално се предаде автономијата на Универзитетот во рацете на Министерството за образование, смета Благица Петрова од студентската организација „Излез“.

–          Тогашните измени кои се случија на мала врата, без претходна консултација на законодавецот со академската фела, предвидоа сериозен упад во автономијата на Универзитетот и со нив беше означен ударот врз високообразовниот систем. Тогаш истапија единствено неколку професори со јасен став за измените, секако без поддршката од студентите и покрај тоа што на крај секогаш тие ги носат последиците. Законот тогаш пројде, измените беа усвоени, академските професори и студентите го поминаа тестот и едноставно се даде зелено светло за идни измени за чија суштина остануваше само да предвидуваме, вели Петрова.

Според неа, новите предложени механизми нема да го подобрат квалитетот на образованието и да продуцираат квалитетни кадри, бидејќи се работи за системска грешка и не може да се очекува дека со државни испити ќе се подобри квалитетот на високообразовните кадри.

Од младинските организации кои ги контактиравме, засега воздржани во оценките за новата мерка единствено се во Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – СПУКМ. Претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски за Радио МОФ вели дека целосен став за ова прашање ќе имаат откако ќе завршат јавните расправи кои ги најави заменик- министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

–          СПУКМ е засегнат од оваа цела ситуација, но доколку ја слушнавте изјавата на заменик- министерот, тој најави дека ќе следат дебати за државниот испит и ние ќе учествуваме на тие дебати. Генерално СПУКМ има обврска да поддржува секоја реформа која оди во насока на зголемување на квалитетот на високото образование, меѓутоа став за ова прашање ќе има после јавните дебати, вели Спировски.

Воведувањето на екстерно оценување за студентите прв го најави министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, кој соопшти дека студентите ќе треба да полагаат државен испит за проверка на знаењето двапати – по втората и четвртата година на студирањето.

Државниот испит ќе важи за сите студенти во Република Македонија – и од државните и од приватните универзитети. Испитот ќе се спроведува двапати – првиот кога ќе завршат втора година и ќе имаат прашања од сите предмети кои дотогаш ги полагале, и по четврта година  со прашања од предметите од трета и четврта година.

По бурните реакции во јавноста откако беше соопштен предлогот, заменик-министерот Спиро Ристовски рече дека пред да се донесат измените во Законот за високо образование, ќе се прават дебати со студентите и академската заедница и предлогот е се уште во фаза на разгледување. Според него, целта на овие испити е „да се обезбеди филтер за верификација на квалитетот на високото образование“.

К.О.