Македонските основци не разбираат што прочитале, а тешко им одат и основните математички операции

Учениците во Македонија иако ги знаат буквите од мајчиниот јазик, не знаат да читаат течно, а уште помалку да го разберат она што го читаат. Во делот на математиката пак, тешко им одат одземањето и соборањето што се основни математички операции. Ова се заклучоци од националната студија за јазичната и математичката писменост кај учениците од почетните одделенија од основните училишта направена во рамки на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.

Разбирањето на прочитаниот текст е голем предизвик за учениците и од второ и од трето  одделение, а учениците на ниту еден наставен јазик не го постигнуваат меѓународниот стандард и не можат да одговорат на 80 отсто од поставените прашања. Истражувачите велат дека основците полесно одговараат прашања кои почнуваат со каде или како, но тешко се снаоѓаат кога треба да одговорат што мислат за случката во прочитаниот текст или како се чувствуваат.

Дополнително, студијата нотира загрижувачки резултати кај учениците со попреченост кои сериозно заостануваат зад своите врсници.

„ До четврто одделение учиме да читаме, а потоа читаме за да учиме. Ако не ги стекнете тие основни јазични вештини, до четврто оддeление тешко ќе се вклопите во целокупниот тек на наставата што се базира на читање и разбирање. Нашиот проблем е практичната примена на знаењето“, вели координаторката на истражувањето Викторија Димитровска.

Резултатите во делот на математиката пак покажуваат дека на почетокот на образованието основците најголем проблем имаат со одземањето и текстуалните задачи. Лошите резултати во собирање и одземање продолжуваат и кај четвртоодделенците, што покажува дека учениците не ги усвојуваат основните математички операции.

„Во Македонија уште се доминантни традиционалните методи на настави каде наставникот е пренесувач на знаењето, а ученикот е пасивен примател. Тоа мора да се смени“, забележува Димитровска која додава дека образование денес, е слика на нашата економија.

Истражувањето покажало дека подобри резултати имаат учениците кои имаат образовани родители, оние од градските училишта, посетувањето градинка, но и читачките навики во семејството. Како проблем се наведува и немотивираноста на наставниците поради ниските плати.

„Резултатите од националната студија за процена на почетната состојба со јазична и математичка писменост кај учениците од почетните одделенија од основните училишта во Македонија зборуваат за сериозни проблеми и ниско ниво на читање со разбирање и математичка писменост. Потребни се промени за постигнување на квалитетно образование, а тие промени ќе станат реалност со планираната ревизија на наставните програми“, изјави министерката за образование Рената Десковска.

Истражувањето е спроведено во сите основни училишта во земјава, во мај 2016 година на репрезентативен примерок од 8.000 ученици на македонски, албански и турски наставен јазик.