„Мафија на робија“, „Оставка“ – Шарената револуција стигна пред претседателската вила на Водно

Со боење на плакатот со ликот на претседателот Ѓорѓе Иванов, движењето Протестирам и граѓаните на Шарената револуција побараа оставка на претседателот и укинување на општата аболиција која тој ја потпиша за сите политичари против кои се водат кривични постапки од СЈО.

Полицијата го запре приодот непосредно кон вилата на Водно. Со пораката „Мафија на робија“ колумнистот Рамадан Рамадани ги поздрави демонстрантите во својот говор пред на Водно.

„Ние не го признаваме Иванов за претседател. Сите, и Албанци и Македонци и Срби и Власи, сме овде како граѓани, ние сме газдите на овие објекти, ова е наша куќа. Ние немаме ништо негово, тој има нешто наше. Тој живее во срам. Ова е собир на граѓани кој ке продолжи, нема да ни падне кондцијата па да престанеме да бараме поништување на аболицијата. Ние немаме друга земја, ова е нашата земја и се бориме за правда и слобода“, рече Рамадани.

Пред присутните се обрати и студентка на политички науки на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, чиј професор бил токму претседателот Иванов. Таа прочита неколку цитати од неговата книга, потсетувајќи дека она што професорот го пишувал во книгите не е она што го прави во реалноста како претседател.

„ Професоре, ние сме окото на правдата, ние ќе ве гледаме и контролираме, независно од вашата моќ. Каде е вашиот морал професоре, каде е вашиот срам, каде е праведноста за која пишувате во оваа книга“, праша студентката во своето обраќање на македонски и албански јазик.

Максим Димитриевски жител на Куманово, пак потсети на кумановските настани и запраша кој стоеше зад нив. Тој побара оставка од Иванов со скандирање „Оставка“, на кое му се придружија и останатите демонстранти.

Демонстрантите денеска маршираа од СЈО кон претседателската вила на Водно, испишувајќи ги по пат пораките на Шарената револуција.

Полицијата го запре маршот, непосредно пред претседателската вила , каде се фрлаше боја и свое обраќање имаа дел од демонстрантите. Радио МОФ вршеше директен видео пренос во живо на ФБ од случувањата пред вилата.

Присутните најавија дека протестите продолжуваат и утре, пред СЈО, во 6 часот попладне. Покрај поништување на аболицијата и оставка на Иванов, со нив се бара и одложување на изборите од 5 јуни, потврдување на уставноста на СЈО, но и вклучување на граѓаните во преговорите за излез од кризата.