Критична маса #53: Со политики свесни, коловози стесни

„Потребна ни е промена на политиките. Потребно ни е планирање со фокус на луѓето!“, е пораката што ќе ја испратат велосипедистите на неформалната иницијатива На точак, на 53-та Критична маса, која ќе се одржи во среда (29 септември). Возењето ќе започне 17:30 часот, од плоштад Македонија, а ќе заврши во паркот Фредерик Шопен.

„Автоцентричното планирање не го решава проблемот на мобилноста, само привлекува нови коли и за најкратки дистанци, затоа што другите начини на превоз ги прави небезбедни, непријатни, невозможни… Досега се прибегнуваше кон одземање простор од пешаците, велосипедите, зеленилото за да се добијат што повеќе и што пошироки ленти за коли. Добивме автопати место градски улици… Сигурно можете да наброите повеќе примери низ градов… Климент Охридски е само еден илустративен пример од многуте… Овој пристап во планирањето е карактеристичен за речиси сите градови после Втората светска војна, но веќе е застарен, веќе се согледуваат неговите недостатоци и полека се напушта“, велат од иницијативата.

Оттаму прашуваат кога граѓаните ќе добијат поквалитетна животна средина.

„Како ќе го подобриме квалитет на воздухот? Како ќе ја зголемиме безбедноста кај сите учесници во сообраќајот и чувството на комоција особено на пешаците, на велосипедистите, на луѓето во инвалидски колички, на најмладите, на повозрасните? И на крајот, како ќе ги решиме сообраќајните проблеми, како ќе превезем повеќе луѓе? Со каков дизајн на улици? Со какви политики? Со сите во кола и со паркирање кој каде му текне, сигурно -не“, сметаат активистите на На Точак.

Тие велат дека решение за сообраќајниот метеж лесно може да се најде, тргнувајќи од порационално користење на автомобилите, а предност за пешаците, велосипедите, јавниот превоз, па се до потесни ленти за возила со паметен дизајн.