„КонтраБулинг“ – иницијатива за препознавање и справување со булингот во училиштата

Средношколци од три скопски училишта ја започнаа иницијативата „КонтраБулинг“ со која се отвора дијалог за една многу честа појава за која ретко јавно се зборува. Со снимање видеа и истражување за булингот во училиштата, средношколците од „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Васил Антевски Дрен“ укажуваат дека малтретирање, задевање, нарекување врсници со погрдни имиња па дури и физички пресметки, не треба да бидат секојдневие за дел од младите луѓе.

„Неретко, основа на мотивот за булинг е родовата припадност и сексуалната ориентација кај младите. Поради ова голем број на ученици во основно, средно па и студенти, се соочуваат со низа проблеми кои вклучуваат психичко и физичко насилство, но во голема мера и кибер булинг (Cyber bulling)“, посочуваат од иницијативата.

Една од идеите на учениците беше да се испита состојбата во училиштата во врска со родово-заснованото насилство кај своите соученици. Истражувањето направено на 333 средношколци од трите училишта, покажува дека скоро две третини од нив биле сведоци или жртви на вербално насилство или омаловажување, а половина од нив посочиле дека има родово базирано насилство во училиштата. Една четвртина од учениците посочиле дека други ученици за нив ширеле лаги и неточни озборувања, а 16 отсто од испитаниците признале дека и самите учествувале во правење сексуални шеги или гестови кон соученици.

„Учениците добија важни информации за тоа дали се препознава овој вид на насилство, дали учениците биле жртви, или пак дали и самите тие малтретирале, задевале свои соученици“, велат од иницијативата.

Друга група ученици пак ги направи видеата, кои имаат цел да ја подигнат свеста кај своите врсници за стопирање на малтретирањето во школите.

Со финансиска помош од Проект на УСАИД за инклузија на ЛГБТИ заедницата, Коалицијата Маргини заедно со партнерите од ЛГБТИ Центарот за поддршка, ЛГБТ Јунајтед-Тетово и учениците од овие три училишта се активираа за да пренесат силна порака, контра булингот.