Компанијата за речници Меријам-Вебстер повторно ја „трола“ администрацијата на Трамп

Компанијата за речници Меријам-Вебстер, која преку твитови на не така суптилен начин се шегува на сметка на Доналд Трамп, повторно преку оваа социјална платформа се обиде да ја подучи главната советничка на американскиот претседател, Келиен Конвеј, кое е значењето на зборот феминист.

Меријам-Вебстер ја твитна дефиницијата за „феминизам“ – „верувањето дека мажите и жените треба да имаат еднакви права и можности“ – како одговор на изјавата на Конвеј дека да си феминист е поврзано со „против-мажите“ и „про-абортус“.

„За мене е тешко да се наречам феминистка во класична смисла, бидејќи тоа значи да бидеш многу против-мажите и сигурно е многу про-абортусот, а јас не сум ни едното ни другото“, рече Конвеј за време на конференцијата на конзервативната политичка акција.

Нешто слично на Конвеј и се случи пред еден месец, кога таа ја искористи фразата „алтернативни факти“ за да ги одбрани погрешните тврдења на портпаролот на Белата куќа околу бројката на луѓе кои биле присутни на инаугурацијата на Трамп. Тогаш твитер профилот на Меријам-Вебстер го дефинираше зборот „факт“, како одговор на големиот раст во пребарувањето на овој збор по интервјуто на Конвеј.

Компанијата за речници, особено последната година, често користи хумор и насочени твитови како одговор на актуелните настани со намера за поголема интерактивност со нивните следбеници.