[Колумна] Легитимност на насилието во политиката

nenad-ziavainovski
Дискретната закана на Никола Груевски дека едвај ја држел ситуацијата под контрола, дека народот вриел и дека можело да му дојде преку глава, потсетувањето на Ѓорѓи Иванов дека имал опција да ја активира армијата за смирување на ситуацијата, како и предупредувањето на Зоран Заев дека ако власта се дрзне да го укине СЈО ќе ги повикаат граѓаните да ја земат правдата во свои раце, сублимирано значат дека во целиот период од траењето на политичката криза постојано е присутен и факторот насилие како начин за разрешување на проблемот. Дали во демократијата насилието може да има легитимност, и, доколку – да, кој има право да го употреби?

Општоприфатено е учењето на Томас Хобс, изнесено во неговото дело „Лeвијатан“, дека државната власт функционира преку склучен договор со граѓаните, кои својот суверенитет, моќ и сила ја пренесуваат на одреден број избрани луѓе. Доколку тоа не би се случило, како вели Хобс, луѓето би се вратиле во природна состојба во која човекот на човек му е волк. Државата е таа која, според договорот, е одредена да го штити заедничкиот интерес на граѓаните, а со тоа хаосот и самоволието на поединецот над заедничкиот интерес да не превагнат. Штом овој договор се наруши, т.е. власта го занемари општиот интерес, за сметка на личните или малцинските потреби, граѓаните имаат право да ѝ го одземат мандатот, односно да си го повратат суверенитетот назад. Одземањето на власт може да биде по институционален пат – со избори, но и вонинституционално – преку улица.

Доколку се согласиме дека Извештајот на Прибе и објавените бомби претставуваат наша објективна, неутрална и точна оценка за состојбата во државата и сертификат дека власта го прекршила договорот со граѓаните за пренос на суверенитетот, а со тоа го довела во прашање и најважниот јавен интерес – нормално функционирање на државната заедница, останува прашањето како да се делегитимира таквата власт, односно како граѓаните да си го повратат суверенитетот.

Кога е оправдано насилието во политиката

Идејата на либералната демократија подразбира дека власта управува со заедницата преку закони, но дека под законите мора да постојат морални принципи кои го легитимираат самиот правен поредок (Cohen и Arato). Уште Платон во „Законите“ пишувал дека мнозинството граѓани му одредуваат на законодавецот да донесе такви закони кои народот со задоволство ќе ги прифати. Доколку тие закони не се темелат на морални принципи тогаш се нарушува и принципот на трансфер на суверенитетот од поединец на држава, бидејќи човекот не влегол во општеството со отстапување на своите природни права за да би му било полошо отколку што му било пред тоа, туку само за да би се осигурил за подобро (Margaret MacDonald).

Но што кога имаме ситуација како нашава, кога власта или не носи закони според морални принципиили нивното спроведување е неморално со селективна примена или е со конструирани и озаконети политички прогони? Тогаш се отвора едно од клучните прашања за односот помеѓу граѓанинот и власта: (I) беспоговорна лојалност, покорување и конформизам или (II) право на политички индивидуализам и морална автономија, односно отпор, спротивставување и граѓанска непослушност.

Уште во антиката, насилната промена на владетелот се сметала за оправдано оружје на потчинетите доколку тој ги узурпирал институциите и така им го оневозможувал опстанокот. Џон Лок во делото „Две расправи за владата“ пишува: „оној кој би ме довел под своја власт без моја согласност, би ме употребил како му е волја, а, исто така, и би ме уништил кога тоа ќе му падне на ум, правично и разумно е да имам право да го уништам пред тој да ми се закани со мое уништување“.

Иако, насилната промена на власта која го прекршила договорот со граѓаните никогаш не е легална, сепак таа е легитимен начин на општествена борба бидејќи станува збор за елиминирање на узурпатор на власт. Она што Хана Арент го нарекува ’легитимација на насилството како политички чин’, а Ноам Чомски го дообјаснува со интервенцијата дека секој нормален човек би се согласил дека насилството е легитимно доколку последиците од таквото делување би отстраниле поголемо зло.

Оттука, насилието во политиката може да претставува легитимна акција или чин само во случај кога е „ускратена правдата, сфатена како повреда на индивидуални или малцински права, која ја направило соодветно конституираното демократско мнозинство“ (Саша Шегвиќ). Иако, насилието, по дефиниција, претставува нелегален чин, тоа, поради тоа што се спротивставува на неправдата на власта и ги спречува кршењата на правата или ги поправа кога ќе се случат, може да се смета за оправдано (легитимитет на насилието). Затоа и поимот ’насилието како легитимна акција’ се зема токму од критериумите праведност и правичност, а не законитост. За разлика од либералните теоретичари, Јирген Хаберманс предлагал да се озакони правилото судовите да не ги судат непослушните граѓани на ист начин како криминалците, од причина што секоја државноправна демократија, која е сигурна во себе, само ја набљудува граѓанската непослушност како нормализирачка и неопходен составен дел на политичката култура.

Конструкција на непријателот

Почетокот на граѓанска непослушност, отпор и насилие иманентно се детерминирани од дефинирањето на непријателот на граѓаните, оној кој го погазил договорот за пренос на суверенитет иако се обврзал дека истиот ќе го спроведува на најдобар начин во интерес на заедницата. Оваа дилема ја има и Карл Шмит, кога го поставува прашањето како да се препознае тој страшен непријател во однос на кого нашето право нема граници и да се извлече со ова име надвор од законот за потоа да се уништи?

Дали е можно во демократијата власта да се конструира за тој страшен непријател против кого би се применило насилие за да би се уништил, кога демократијата, во својата ос