„Коцката“ го оставила на улица, сега со фризерството застанува на свои нозе

Таир Даут од Скопје веќе четири и пол години талка низ скопските улици, барајќи начин како повторно да си го врати нормалниот живот, што го изгубил поради неговата зависност од „коцка“. Сепак, неговата волја му донела среќа, бидејќи тој сега повремено работи како фризер во пунктот на Црвен крст на Република Македонија, во населбата „Момин поток“. Даут вели дека немал друг избор освен сам да најде решение за својата судбина.

„Бездомник станав поради моите пороци“, почна да ни раскажува Даут додека стрижеше еден од своите редовни клиенти, граѓани кои исто така примаат помош од Црвен крст.

„Едно време имав пари, си имав работа, но преку ноќ тоа го снема“, продолжи тој.

„Тоа може секој да го снајде, не само мене. Дури и најбогатите и најмоќните луѓе може да станат бездомници. Порокот е многу лоша работа, мене ме снајде со коцката, се излажав како секој жив човек и одеднаш паднав. Немаше спас“, објасни Даут.

За животот како бездомник, пак, вели: „Буквално од 24 часа, 18 тапкаш по улици. Малку време имаш за спиење, најчесто по клупи“.

Со фризерството се запознал кога дошол во пунктот на Црвен крст, каде му била понудена посета на одреден курс. Тој веднаш сакал да се вклучи, бидејќи како што вели „во себе има елан да заработува чесно“.

По шест месеци курс и позитивни оценки, на крај се здобил со сертификат за фризер. Но, во „реалниот живот“ вели, има завршено средно и висока технолошка школа.

„Човек кога нема пари, бара начин како да дојде до нив. Јас она што го имав, го продавав. Имав имот и стан, и фамилија и деца, но ги изгубив поради тие пороци“, жали тој.

„Шетав и талкав по улиците и едноставно се решив да го направам ова. Откако дојдов тука, навистина ми е подобро“, додава Даут.

Сега тој ги советува младите луѓе да стојат што подалеку од пороците. Покрај тоа, се надева дека свеста кај граѓаните ќе се подобри и ќе им помогнат на останатите како него.

„И едно кило леб да дадат, доволно. Секаков вид помош е добредојдена, било тоа да е морална, или материјална поддршка“.

Изминатиот период тој живее во гаража, која ја преуредил за да му служи како простор каде ќе може да отспие. Вели огромна е разликата кога имате каде да легнете. Забележува дека има голем број луѓе што се во многу полоша состојба од него.

„Мене ми е многу мерак што го правам ова, со љубов си ја работам работата“, ни рече тој додека ги собираше влакната што останаа од стрижењето.

„Јас се променив, го променив начинот на живеење, сега сум способен сам да си обезбедувам нешто за јадење. Штом работи човек, ќе има. Се тргнав од пороците, тие веќе ги нема кај мене, а тоа е најважна работа“, вели Даут.

Во пунктот на Црвен крст, дневно доаѓаат десетици бездомни луѓе, каде може да се избањаат, им се дава оброк и гардероба. Но, за време на екстремни температури, има и објект каде тие може да преноќат. Сепак, има простор само за 32 бездомници.

Покрај Даут, го сретнавме и Сами од Шуто Оризари. Тој воопшто не е изненаден кога гледа луѓе како Даут, кои имале одредена функција во општеството, а на крај завршиле на улица.

„Гледам луѓе, пример ‘капетан’ бил во животот, а завршил на улица. Така и јас, бев музичар, свирев на гитара“, вели тој.

И за него, секојдневниот живот е постојана борба. Куќата во којашто сега живее, заедно со неговата болна сестра, е на неговиот брат и е во лоши услови.

„Таа куќа не е моја, тие кога ќе се вратат ќе си одам. Животот ме остави, немам ништо освен сестра ми“, раскажува тој.

Во моментов, опстојува од социјална помош, но и таа вели дека е премала.

„Се плашиш да не потрошиш повеќе од тоа што го имаш додека да дојде следниот месец“.

Сами би сакал да има „сопствен покрив над глава, да живее како човек, а не како куче на улица“.

Емилија Петреска