Канадската влада побарала службениците да ги избегнуваат термините „мајка“, „татко“, „господин“ и „госпоѓа“

Канадскиот министер за семејство, Жан-Ив Дукло ја брани одлуката на владиното тело за обезбедување информации „Сервис Канада“, каде од вработените е побарано да употребуваат родово-неутрален јазик кога комуницираат со јавноста. Потегот наиде на исмевање од страна на опозицијата.

Според упатствата на менаџерскиот тим, од вработените во „Сервис Канада“ се бара да употребуваат родово-инклузивен јазик за да се избегне „портретирање перцепција на пристрасност кон одреден пол или род“.

Од нив се бара да го користат целосното име на клиентот, или да го прашаат како тој би сакал да биде нарекуван, наместо користењето на зборовите „господин“, „госпоѓа“ или „госпоѓица“, стои во дописот до кој дошле од Радио-Канада. Од вработените било побарано и да избегнуваат користење на термините „мајка“ и „татко“ и наместо тоа да го користат терминот „родител“.

Дел од членовите на опозицијата веднаш упатиле критики на овие директиви, помеѓу нив и конзервативниот пратеник Алан Рејс, кој одлуката ја нарекол „смешна“.

Сепак, министерот Дукло за новинарите изјавил дека политиките на „Сервис Канада“ се прашање на почит. Тој во порака на социјалната мрежа Твитер изјавил дека владиниот сервис ќе продолжи да гористи „господин“ и „госпоѓа“ при комуникацијата со Канаѓаните.

Портпаролот на министерот изјавил дека упатствата се направени како одговор на барањата на дел од јавноста кои го критикувале владиното тело за недостиг на инклузивност.

Директорката на националната ЛГБРК организација „Егале Канада“, Хелен Кенеди, ја пофалила одлуката на канадските власти како „прв добар чекор“, но дополнува дека тој треба да биде проследен со поголеми обуки и едукација за подигање на свеста околу родово-неутралниот јазик.

„Некои луѓе можеби имаат многу добри намери, но можеби немаат доволно разбирање и знаење за тоа како да ги постават прашањата без тие да бидат нападни“, изјавила Кенеди.